Средба на премиерот Заев со новата шведска амбасадорка Форшгрен Бенгтсон: Силна поддршка од Кралството Шведска за видливата трансформација на нашата држава, развојот на домашен план и интеграциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Кристин Форшгрен Бенгтсон, новата амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.

На средбата е заеднички констатирано дека Кралството Шведска е голем и искрен пријател на Република Северна Македонија и дека пријателството продолжува да се развива низ меѓусебната соработка на двете држави.

На состанокот е констатирано дека Кралството Шведска силно ги поддржува перспективите на Република Северна Македонија во ЕУ, што се очекува да продолжат со позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври и добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија.

При тоа, истакната е видливата трансформација на нашата држава и развојот, како во поглед на демократијата и реформите на домашен план, така и на меѓународен план, што резултира со отворените интеграциски процеси.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната и принципиелна поддршка.

„Кралството Шведска е важен партнер на нашата држава во сите важни процеси и пример на држава кон каква што се стремиме да ја развиеме Република Северна Македонија. Работиме на развојот на капацитетите на институциите, на нивната транспарентност и одговорност. Посебно сме фокусирани на независноста на правосудството. Се надеваме дека низ политиките на дијалог и консензус со опозицијата, со коишто ги направивме потребните реформи, ќе најдеме решение и за Законот за јавно обвинителство, бидејќи граѓаните очекуваат одговорно однесување. Придобивките од реформите, од изградбата едно општество за сите, од затворањето на билатералните прашања со соседите, од очекуваното заокружување на интеграциите во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ се предвидливост на економијата и економски развој. Првите резултати веќе ги имаме со растот на сите параметри во економијата, растот на БДП, растот на платите, нови инвестиции, намалување на невработеноста. Нашата држава верува во европските вредности значајни за граѓаните, како што верува и Шведска“, рече премиерот Заев.

На средбата посебно се нагласени значењето на владеењето на правото и демократијата, солидарноста и одговорноста, посветеноста на животната средина и на маркет економијата, како и вклучувањето на цивилното општество и на младите, во развојот на секоја европска држава или држава кандидатка за членка на ЕУ.