Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар „Следни чекори кон НАТО“. Специјален семинар за Република Северна Македонија во Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Гармишпартенкирхен.
На семинарот членовите на работниот комитет детално и темелно се запознаа со начинот на кој што функционира НАТО, во однос внатрешните постапки и процедури на земјите членки. Освен тоа, членовите на работниот комитет добија и информации и искуства од неколку од поновите земји членки (Словенија, Словачка и Хрватска), во однос на нивниот процес на интегрирање во Алијансата и нивните искуства во однос на функционирање како полноправна членка на НАТО. Оваа размена на искуства и добри практики ќе биде корисна бидејќи доаѓа во финалната фаза на интеграција во НАТО на нашата земја.
Република Северна Македонија ќе биде 30та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите 7 земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси.
Прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.
Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. За споредба претходните процеси на интеграција на последните земји членки траеле 1 до 1,5 година.
Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО.
Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ е научен институт за безбедносни и одбранбени студии основан од страна на министерствата за одбрана на САД и Германија во 1993 година.