На денешната редовна 158 седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и Градот Скопје, кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот.
За остварување на оваа мерка владата му препорача на Управниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување средства за јавна едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.
Во цел да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, Владата ќе го покани Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, да номинира две граѓански еколошки организации да бидат вклучени во имплементација на оваа мерка.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката во Република Северна Македонија за 10% почнувајќи од исплата на платата за април 2020 година. Со оваа информација, откако ќе биде постигната Спогодбата со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), вкупното покачување на платите од април идната година, во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува повеќе од 20% имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година, на два пати по 5 проценти.
Владата го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за енергетска ефикасност, и донесе одлука да го достави на усвојување до Собранието на Република Северна Македонија.
Целта на овој закон е да се обезбеди намалување на енергетските потреби и потрошувачка преку ефикасно користење на енергијата и да го намали негативното влијание врз околината. Со новите законски мерки ќе се зголеми енергетската ефикасност во областа на домувањето и градежништвото, ќе се зголеми енергетската ефикасност во јавниот сектор, кај големите трговци и во транспортниот сектор, и ќе се постигне поголем степен на искористување на обновливите извори на енергија.
Во насока на остварување на стратешките цели на владата за заштита на животната средина, на оваа седница на владата е разгледана и усвоена информацијата за нацрт предлозите за можните видови субвенции при купување на нови возила, и ги задолжи Министерството за економија во соработка со Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Министерството за финансии и Царинската управа на РСМ, како и со претставник на здружението на увозници на автомобили, да формира работна група која ќе направи анализа за начинот и можностите за субвенционирање согласно предложената програмата.
На предлог на Министерство за образование и наука на оваа седница на Владата на РСМ е усвоена информацијата за предлог проект/програма „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“, и го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Министерството за образование и наука да подготви и преку Министерството за надворешни работи да достави одговор до Владата на СР Германија и КфВ во насока на прифаќање на заем во износ до 20 милиони евра со барање поддршка за грант во износ од 5 милиони евра од REEP+ програмата.
На предлог на Министерството за финансии, со цел понатамошно зајакнување на фискалната дисциплина и подигањето на свеста на граѓаните за задолжително барање и земање на фискални сметки, на вчерашната седница на владата е усвоена информацијата за организирање наградна игра „Мој ДДВ, моја награда“. Мерката ќе генерира дополнителни приходи за граѓаните, а ќе ја спроведува Државната лотарија на Република Северна Македонија, како овластено трговско друштво во целосна сопственост на државата, во соработка со Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.
На оваа 158 седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за спроведување функционална анализа во институциите од јавниот сектор. Анализата има за цел да ги идентификува предизвиците од организациски и функционален аспект во институциите во која се спроведува, кои можат потенцијално да го отежнат или попречат остварувањето на актуелните надлежности и задачи на институцијата. Преку анализата ќе се предложат конкретни мерки за подобрување на исполнувањето на целите и задачите на институцијата, насочени кон остварување на очекуваните резултати и кон исполнување на јавниот и на интересот на граѓаните.
Владата го утврди текстот на Предлог-закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата со кој ќе се овозможи уплата на придонеси од Буџетот на РСМ во име и сметка на работниците кај работодавачите од приватниот сектор.
Целта на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата која е повисока до 100 евра, заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој во Република Северна Македонија. Притоа осигурениците непречено ги остваруваат правата од социјално осигурување, а работодавачите немаат обврска да плаќаат придонеси за социјално осигурување за износот на зголемена плата.
На оваа редовна 158 седница министрите во Владата на РСМ ја усвоија и Информацијата за настанот „Охридскиот дијалог: Искористување можности и креирање идни партнери во Западниот Балкан„ организиран од Атлантскиот Совет (Atlantic Council) и Охридската Група со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, кој ќе се одржи од 24 до 26 октомври 2019 година во Охрид.
Овој настан има за цел да отвори дискусии за сегашните и идните стратешки цели на Република Северна Македонија, за креирање партнери на регионално и меѓународно ниво и за создавање нови идеи за политики и развој. Во овој настан се очекува да присуствуваат високи сегашни и поранешни функционери од регионот, САД, Велика Британија, ЕУ, НАТО, како и аналитичари и меѓународни новинари.
На денешната седница е усвоена програмата за одбележување на државниот празник „11 Октомври“ – Ден на народното востание, и се донесоа заклучоци за активностите и задолженијата на одделни членови на Владата на Република Северна Македонија кои ќе бидат вклучени во содржините за одбележување на празникот во Куманово, Прилеп и Скопје.