По топлиот пречек пред Владата и тет а тет средбата на премиерите Заев и Шарец, делегации на владите на Република Северна Македонија и Република Словенија, предводени од премиерите на двете држави, имаат билатерална средба.
На состаноците е соопштена јасна поддршка од Република Словенија за позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври и почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија.
Премиерот Заев се заблагодари на словенечкиот премиер Шарец за традиционалната, искрена и посветена поддршка што ја дава Словенија на нашата држава во сите демократските процеси од независноста на нашата држава, како и остварувањето на стратешките цели, како што се евроатлантските интеграции.
На средбата е констатирано дека Република Словенија е значаен економски партнер на Република Северна Македонија и дека во претстојниот период, нашата земја уште поактивно ќе соработува со Словенија, за употреба на позитивните применливи искуства за европскиот напредок на државата.
Оценето е и дека билатералните односи меѓу двете држави се интензивирани и дека тој тренд ќе продолжи со придобивки за граѓаните на двете земји.
По билатералната средба, предвидени се изјави за медиумите на двајцата премиери, по што е организиран и ручек во чест на премиерот Шарец.
Според планираното, словенечкиот премиер Шарец ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Во рамки на работната посета на премиерот Шарец, предвидена е и средба на премиерите Заев и Шарец, со припадници на граничната полиција, вклучително и со контингентот на словенечката полиција на јужната граница со Гевгелија.