Бесими - Чеку: Продолжува соработката на билатерално ниво и во рамки на регионалните иницијативи

Министерот за одбрана Фатмир Бесими кој престојува во еднодневна официјална посета на Косово, денеска се сретна со министерот на Косовските безбедносни сили (КБС) Агим Чеку, со командантот на КБС, генерал потполковник Кадри Кастрати, и со вицепремиерот на Косово Хајредин Кучи.

Бесими и Чеку изразија подготвеност двете министерства да продолжат и понатаму да соработуваат, како на билатерално ниво, така и во рамки на регионалните иницијативи.

Како што изјави косовскиот министер Чеку, на заедничката прес - конференција, двете земји имаат одлична соработка која може да претставува пример за соработка и за останатите држави.

- Денешната средба претставува чекор напред за интензивирање на соработката.Министерството на КБС се подготвува за учество во релевантните мисии во земјата, како и во меѓународните, а за таа цел ја имаме целосната поддршка од Република Македонија, изјави Чеку.

Тој додаде дека за време на разговорите е договорено четворица кадети од малцинствата на Косово да се обучуваат на Воената академија во Скопје, а меѓудругото и за реагирање при итни случаи.

На новинарско прашање каков е неговиот став во врска со неодамнешните инциденти на спортските натпревари, кога беше запалено македонското знаме, Чеку одговори дека истите се неприфатливи и се осудуваат.

- Спортот треба да ги зближува луѓето, а не да ги разединува. Треба да се потрудиме спортот да не ја загуби својата цел. Инцидентите нека останат само во салата и да не добијат пошироки димензии, нагласи Чеку.

Министерот Бесими истакна дека развојот и одржувањето на регионалните капацитети треба да се базира на концептот на „смарт дефенсе“ (паметна одбрана), со цел здружување и споделување на одбранбените и безбедносни средства.

- Од приоритетно значење за македонското Министерство за одбрана е постигнување целосно отворен дијалог и добрососедски односи со Косово, како и постигнување високо ниво на соработка во областа на одбраната и безбедноста на двете земји, истакна министерот Бесими.

Тој изрази поддршка и во делот на евроатланските интеграции за земјите од регионот и на тој начин да се придонесе за мир и стабилност во регионот и пошироко за глобалниот мир.

Во рамки на посетата е потпишан и План за билатерална соработка за 2012 година, со кој се утврдени можностите за користење на македонските расположливи капацитети: Полигонот Криволак, Регионалниот тренинг центар за комуникации и Воено медицинскиот центар, како и школување на питомци од Косово на Воената Академија во Скопје. Планот беше потпишан од страна на раководителот на Секторот за меѓународна соработка во македонското Министерство за одбрана Беким Максути и раководителот на Секторот за безбедност и соработка во Министерството на Косовските безбедносни сили, полковник Илир Ќариџи.

Македонскиот министер го посети и Центарот за универзитетски студии на Косовските безбедносни сили во Командата на копнената војска.