Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Васил Стерјовски, прв пратеник во Собранието на Република Албанија од македонското национално малцинство во Албанија и од скоро нов претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, партијата на македонското национално малцинство во Албанија.
На средбата е изразена благодарност за поддршката на премиерот Заев и на Владата, на македонското национално малцинство во Албанија што резултира со повеќе придобивки коишто се резултат на добрите пријателски односи меѓу двете држави.
Заеднички е констатирано дека добрите пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија отворија можности за надминување на повеќе наследени состојби од минатото и шанси за ефикасно работење на гранични премини, подобрување на инфраструктурата, образовни унапредувања во местата каде што живеат граѓани од македонското национално малцинство во Албанија.
На состанокот е заеднички заклучено дека перспективите на Република Северна Македонија и Република Албанија се во ЕУ и во НАТО и дека евроатлантскиот пат нема други алтернативи за земјите од регионот, бидејќи само на тој начин се можни вистински демократски слободи и права на граѓаните во државите и економски и културен развој согласно европските вредности.