Пешевски: Македонија ќе го интензивира моделот на јавно-приватно партнерство

Македонија ќе ја зајакне улогата во реализирањето проекти преку јавни-приватни партнерства (ЈПП) зашто овој модел на соработка е одличен за забрзување на економскиот развој, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски по денешните неформални средби во Женева со околу 10 директори на странски агенции кои се занимаваат со ЈПП.

- Со вклучување на приватниот сектор во јавните проекти, освен што дополнитено се стимулира економијата, се донесува и експертиза. Приватните партнери кои извршуваат некоја од јавните дејности тоа го прават на поефикасен начин од државата. Токму тие искуства имаме намера да ги спроведеме во наредниот период, нагласи Пешевски.

Според него, често, особено во земјите каде нема искуство, се смета дека ЈПП завршува тогаш кога ќе се потпише договорот, а реално, соработката тогаш почнува. - Треба да постои капацитет од страна на државата за вршење супервизија на склучените договори, а договорите, пак, треба да бидат така склучени што ќе овоможат двете страни, и државата и приватниот сектор, да ги искористат бенефитите од партнерството. Ако државата настојува целиот ризик само да го префрли на приватниот сектор, проектот нема да успее и обратно. Затоа е пожелно, уште на стартот, да се потроши повеќе време на анализа, да се подготват квалитетни договори, да се искористат надворешни консултанти, но и да се креира внатрешен капацитет во државата, посочи вицепремиерот.

На средбата што се одржа во рамки на меѓународната конференција „Денови на јавно приватно партнество 2012“, стана збор за типот инвеститори кои се покажале квалитетни за ЈПП проекти и беа договорени модели за идна соработка.

Пешевски вчера, на завршната сесија на која беа присутни претставници од преку 100 држави, се осврна на подобрувањето на бизнис климата и стабилната макроекономска политика постигнати во актуелниот тежок економски период што, напомена, ја издвојуваат Македонија од останатите земји.

Тој имаше средби и со потенцијални инвеститори кои може да учествуваат во ЈПП проекти. Една од препораките на тие средби беше дека Македонија треба да го зајакне каацитетот за ЈПП не само на централно ниво, туку и во сите министерства, како и во општините.

Експертите, како основни причини за успешни јавно-приватни партнерства ги посочуваат сериозноста и обврзаноста на Владата да ги реализира и проследи проектите до крај, професионалноста на владиниот тим кој ќе управува со процесот на јавните набавки, искреноста и транспарентноста на соработката со приватниот сектор, неговата целосна инволвираност во сите фази на подготовка и изведба на проектот, обезбедувањето државна финансиска гаранција за исплата на обврските кон партнерите, како и квалитетот на советниците и консултантите од двете страни.

Велика Британија, како што беше речено на конференцијата, е лидер во спроведувањето ЈПП проекти. Стручњаците од оваа земја укажаа дека јавното-приватно партнерство, сепак, не е успешен модел за секој проект. Најдобро функционира во транспортот, образованието, здравството и инфраструктурата, но не и во железницата, како и во метроата.

На конференцијата за ЈПП во Женева присуствуваат претставници од преку 250 земји. Денеска, освен средби меѓу високите владини длеегации и стопанствениците, се одржува и бизнис форум. Деновите на јавно-приватно партнерство завршуваат утре со посета на успешни ЈПП проекти.