На денешната седница Владата на Република Северна Македонија го усвои предлог - Законот за престанување на важноста на Законот за трговија на зелени пазари. Потребата за донесување на овој закон со кој престанува да важи Законот за трговија на зелените пазари е предизвикана од неисполнувањето на очекувањата утврдени во одредбите на Законот за трговија на зелените пазари кои предизвикаа социјални, даночни и фискални последици за трговците на зелените пазари. Како резултат на реакциите од страна на граѓаните што на пазарите вршат трговија на мало, Владата донесе нов закон за да престане со важност Законот за трговија на зелени пазари.
На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, Владата го утврди текстот на Предлог - законот за висока раководна служба.
Целта на законот е да се воспостави високата раководна служба заснована на начелото на стручност и заслуги, како механизам за подобрување на организациските капацитети и зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор, со што едновремено ќе се направи јасна разлика помеѓу политичките избрани и именувани лица и администрацијата.
Предлог – законот е во насока на професионализација на високата раководна служба како еден од клучните предуслови за унапредување на организациските капацитети и зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за степенот на реализација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017-та година, одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Краков, 2017 и Баку, 2019), и релевантните заклучоци на Владата на Република Северна Македонија за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион и ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на УНЕСКО за Светско културно и природно наследство на Охридскиот регион, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во регионот и афирмирање на владеење на правото.
Владата ја задолжи Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во соработка со Националната Комисија за УНЕСКО, да ги координира работите и програмата за Реактивната мисија на УНЕСКО закажана за крајот на јануари 2020 година, како и изработката на извештајот за напредок, а сите релевантни државни институции најдоцна до 13-ти декември да достават до Канцеларијата на претседателот на Владата ажурирани и сеопфатни информации за степенот на реализација на препораките на УНЕСКО, кои ќе бидат дел од прогрес извештајот за напредокот кој ќе се достави до УНЕСКО најдоцна до 31-ви јануари 2020 година.
Со заклучоците од денешната седница се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во рок од 10 дена да објави постапка за јавна набавка за изработка на анализа на предлогот за алтернативна рута за пругата долж Коридорот 8 што ја предложи Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017-та година.
Во заклучоците на Владата по ова прашање е и препораката до општините Дебрца, Охрид и Струга да се интензивираат процесите и активностите со цел исполнување на препораките на УНЕСКО, и да ги примат претставниците на УНЕСКО во склоп на Реактивната мисија за 2020 година.
На оваа своја седница Владата донесе одлука спортските сали Партизан и Расадник да им бидат вратени на Општина Карпош и на Општина Кисела Вода, спортската сала во Радовиш, како и спортската сала во Куманово и други спортски објекти во овој град, да им бидат вратени на Општина Радовиш и Општина Куманово.
Со овие одлуки, спортските сали се враќаат во владение и на управување на општините и стануваат поблиску до граѓаните и до спортските клубови во локалните заедници со што се отвораат можностите и потенцијалите за нивна поголема искористеност и за развој на спортот и физичката култура.
На оваа седница на Владата и формално е потврдена одлуката за давање на трајно користење на популарната спортска сала „Кале“ која после многу години ѝ се враќа на Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за Оперативен план за спроведување на акцијата „Администрацијата чисти“ со граѓанската организација „Не биди ѓубре“ на 14 декември. Целта на оваа акција, освен одработувањето на 2 јануари кој беше прогласен за неработен ден, е вработените во државната администрација да учествуваат во акција за чистење на животната средина на повеќе локации во Скопје и во повеќе градови во земјата.