Ние сме најдобар пример за инвестирање во човечките ресурси во државата, во човечкиот капитал. Полевичарски од тој концепт, здравје. Остварувањето на правата на работниците, на финансиската поддршка преку растот на платите и другите придобивки, затворањето на прашањето на стечајните работници, најважните прашања за поддршка на земјоделците, покачувањето на пензиите... Тоа се типични левичарски, социјал-демократски политики, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервју за емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат.
„Не треба да се гледа само одложувањето на примената на прогресивниот данок и данокот на добивка, и само врз основа на тоа да се суди дека сме ја напуштиле социјал-демократската позиција околу овие прашања. Имаше повеќе причини да ја одложиме примената на прогресивниот данок. Видовме дека прогресивниот данок во нашето опкружување не ги дава очекуваните резултати. Ги слушавме реакциите кои укажуваа дека не сме ги предвиделе ситуациите со различна висина на платите во едно семејство во кои може да има една плата повисока од 105.000 денари која подлежи на повисок данок, или три или четири плати од 60 или 70 илјади денари кои не подлежат... Се појавија такви разлики и потреба од дополнителни подготовки. Од друга страна висината на приливи во приходната страна на Буџетот почна да расте заради големиот број ново отворени работни места, заради повисоките плати со што се зголеми приливот од персоналниот данок“, нагласи премиерот Заев и додаде дека бил констатиран и пад на данокот од добивка што покажа дека компаниите започнаа да ги префрлаат парите на сметки во странство и потоа како консултантски услуги ги враќаа назад во државата.
Сето тоа, рече премиерот Заев, ни укажа дека треба да направиме повнимателни подготовки и одложување на примената на прогресивниот данок.
„Уште нешто за разликата за левичарските и десничарските политики. Во времето на десничарите, владата на Груевски, тие ги укинуваа придонесите за да му „учинат“ на капитал факторот. Ние ги зголемуваме за да го дадат нивниот придонес, да платат повеќе за да има солидарно насекаде. Учествуваат со поголем приход во фондовите и со исплаќањето на зголемената минимална плата, и тоа го правиме низ разговор, а не со супериорен пристап од позиција на моќ. Овие политики даваат мултиплицирачки ефекти. Со такви политики на инвестирање во човечкиот капитал, премиерот Антонио Коста во Португалија не само што ја реши кризата, туку има и најголем процент на раст. И ние сме на добар пат да го направиме истото“, потенцираше Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервју за емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат.