ЗМНР Андреј Жерновски во посета на фабриката „Семак Фешн“ во Штип

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, пред одржувањето на редовната 4-та седница на Владата во Штип, а во рамки на теренските настани, ја посети компанијата за текстилна индустрија „Семак Фешн“.

Оваа фирма е основана од германска компанија која 20 години работи во нашата држава. Во самиот погон има 300 вработени, но вкупниот број на ангажирани лица кои учествуваат во целокупниот процес изнесува 1000 вработени.

При посетата на „Семак Фешн", заменик министерот Жерновски истакна дека за две години во Северна Македонија се инвестираа 741 милиони евра директни странски инвестиции. 

„Причините за овој позитивен тренд се јасни- надминувањето на политичката криза, решавањето на сите наши билатерални спорови со соседите и откочувањето на евро-атлантските интеграции. Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО, ќе донесе уште повеќе странски инвестиции", изјави Жерновски.

„Денеска на Северна Македонија се гледа како на безбедна и заштитена земја, со Влада која стимулира нови бизниси и инвестиции“, посочи заменик министерот Жерновски.

Како резултат на добрите услови за водење бизнис, Реублика Северна Македонија е рангирана на 10-то место во категоријата "ease of doing business" во извештајот од Светска банка за 2019 година (Doing Business Report 2019). Како за споредба со земјите членки на ЕУ, Чешка се наоѓа на 35-тото, Словенија на 40-тото место, Хрвтска на 58-тото и Бугарија на 59-тото место.

„Семак Фешн“ е една од најголемите производители на женски кошули во Германија, а облеката се испорачува во 2000 продавници-бутици низ Европа и светот. Годишно произведуваат 650.000 кошули, кои се доставуваат до над 2.000 продавници низ светот.