Премиерот Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Владата на Република Северна Македонија одржаа прес-конференција по повод потпишувањето на договорите за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за поддршка на изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод на 11 парцели од страна на девет фирми кои ги задоволија критериумите на претходно објавениот јавен повик, со што Владата инвестира во зелената иднина на земјата.
Покрај претставниците на фирмите инвеститори, на доделувањето на договорите присуствуваа и градоначалниците на Свети Николе и Македонски брод, како и претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и претставници од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).
Во своето обраќање премиерот Спасовски истакна дека една од најтемелните и најефикасните реформи, од огромно значење за граѓаните и за бизнис заедницата, е реформата во енергетскиот сектор.
„Според Европската Енергетска заедница, нашата земја е регионален шампион за реформи во енергетиката. Со новиот Закон за енергетика и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и во гасификацијата, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата“, рече премиерот Спасовски.
Тој додаде дека споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%, денеска, граѓаните плаќаат најниска просечна цена за киловат/час во регионот, подвлекувајќи некои аспекти од Стратегија за енергетика на Владата на Северна Македонија.
„Eдна од главните цели на енергетската политика е поттикнувањето и поддршката на приватни инвестиции за изградба на енергетски објекти со обновливи извори на енергија. Тоа е инвестирање во зелена енергија за значаен придонес во заштитата на животната средина и за ублажување на климатските промени“, подвлече Спасовски.
Премиерот истакна дека на сосема конкурентен начин, без никаков трошок и товар врз цената на електричната енергија, ќе се изградат новите фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 35 мегавати. Со потпишувањето на договори со 9 компании што ги исполнија условите, се затвора првиот јавен оглас на кој беа пристигнати вкупно 82 понуди.
„Пресврт се случи и во самата тендерска постапка. Во поголемиот дел на спроведените аукции за парцелите предвидени за инсталирање фотонапонски централи, инвеститорите не само што не бараа премиум, туку се натпреваруваа да дадат повеќе пари за да се стекнат со право да инвестираат, со што се премина во позитивна аукција и во Буџетот на државата влегоа 2,7 милиони евра“ – подвлече Спасовски.
Mинистерот Бектеши на прес-конференцијата истакна дека по донесувањето на законот за енергетика во 2018 година, Министерството за економија транспарентно спроведе две постапки за доделување на премии за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште со вкупен инсталиран капацитет од 62 MW.
„Инвеститорите ќе имаат право да ја користат премијата во рок од 15 години по ставањето во употреба на електроцентралата. Министерството за економија, согласно договорите, ќе обезбеди поддршка земјиштето на кое ќе се гради електроцентралата да се пренамени во градежно земјиште и да се стекнат со долготраен закуп на земјиштето и поддршка за приклучување на електроцентралата на електродистрибутивниот систем. Ние градиме партнерства со инвеститорите и за оваа година предвидената сума што ќе треба да ја исплатиме за поддршка на премиите е околу 200.000 евра, а еднократниот надоместок кој инвеститорите го уплатија за добивање на овие локации е приближно 2.8 милиони евра“ – подвлече Бектеши.
Претставници на инвеститорите ја поздравија инцијативата за искористувањето на природните и чисти енергенси со кои располага Република Северна Македонија и истакнаа дека изградбата на фотоволтаични централи е мошне важен чекор во борбата против јаглеродната емисија и борбата за почиста и поздрава животна средина. Дел од инвеститорите истакнаа дека се подготвени наместо за предвидените три години, дел од фотоволтаичните централи да изградат за само шест месеци и да ја продаваат електричната енергија по пазарни услови и без воведување премии.
На прес конференцијата беше соопштено дека постапката за вториот јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на приватно земјиште е во тек и дека на овој оглас се примени вкупно 43 понуди.
Премиерот Спасовски на доделувањето на договорите на деветте фирми кои ќе стопанисуваат со фотоволтаичните централи: Да ја направиме сончевата енергија генератор на економскиот раст
Премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на прес конференцијата по повод доделувањето на договорите за изградба на фотоволтаични централи на девет фирми кои ќе градат на 11 парцели на државно земјиште во Македонски Брод и Свети Николе, истакна дека реформата во енергетскиот сектор е една од најефикасните реформи, од огромно значење и за граѓаните и за бизнис заедницата:
„Има еден збор кој ги обединува сите промени во нашата земја од 2017 година наваму. Пресврт. Република Северна Македонија направи пресврт во многу области. Се менува на подобро и на многу подобро.
Една од најтемелните и најефикасните реформи, од огромно значење за граѓаните и за бизнис заедницата, е реформата во енергетскиот сектор.
Според Европската Енергетска заедница, нашата земја е регионален шампион за реформи во енергетиката.
Со новиот Закон за енергетика и со големиот број инвестиции во обновливи извори на енергија и во гасификацијата, Владата го стабилизираше вртоглавиот раст на цената на струјата.
Споредено со времето на претходната влада, кога цената на струјата порасна за 100%, денеска, граѓаните плаќаат најниска просечна цена за киловат/час во регионот.
Тоа се директни, непосредни придобивки за граѓаните, остварени за само две години.
Долгорочно и стратегиски, со Стратегијата за енергетика, Владата на Северна Македонија обезбеди регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија.
Eдна од главните цели на енергетската политика е поттикнувањето и поддршката на приватни инвестиции за изградба на енергетски објекти со обновливи извори на енергија. Тоа е инвестирање во зелена енергија за значаен придонес во заштитата на животната средина и за ублажување на климатските промени.
Согласно Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители, и на производители кои користат премија како дополнителен износ на цената остварена со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија, Министерството за економија објави 2 меѓународни тендери за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали.
Денеска, на овој настан, со потпишувањето на договори со 9 компании што ги исполнија условите, се затвора првиот јавен оглас на кој беа пристигнати вкупно 82 понуди. Договорите со овие 9 компании предвидуваат изградба на фотоволтаични централи за производство на 35 мегавати електрична енергија и тоа 25 мегавати на државно земјиште во Свети Николе и 10 мегавати во Македонски Брод.
Пресврт се случи и во самата тендерска постапка. Се покажа дека Во поголемиот дел на спроведените аукции за парцелите предвидени за инсталирање фотонапонски централи, инвеститорите не само што не бараа Премиум, туку се натпреваруваа да дадат повеќе пари за да се стекнат со право да инвестираат, со што се премина во позитивна аукција и во Буџетот на државата влегоа 2,7 милиони евра.
На сосема конкурентен начин, без никаков трошок и товар врз цената на електричната енергија, ќе се изградат нови фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 35 мегавати.
Постапката за вториот јавен оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на приватно земјиште е во тек. На овој оглас беа примени вкупно 43 понуди.
Сето ова говори за атрактивноста за инвестирање во објекти за производство електрична енергија од обновливи извори, како и за одличните услови за поддршка од Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија.
Географската позиција и климата во нашата земја нудат одлична перспектива за користење на сончевата енергија.
Тоа е насоката во која се движиме на овој план.
Во декември минатата година потпишавме договор за изградба на фотоволтаична електрана Осломеј, со инсталирана моќност од 10 мегавати. Само со овој проект, кој претходно беше загадувачки капацитет, Електрани на Северна Македонија, ќе создаде капацитет којшто ќе произведува чиста енергија за 2.000 домаќинства.
Сто и осум јавни објекти во преку 40 општини добија фотоволтаични системи со што годишно се заштедуваат 196.000 евра од општинските буџети.
Изградбата на други нови фотонапонски електрани во државна и приватна сопственост ќе продолжи со силен интензитет.
Тоа е сериозен придонес за намалување на загадувањето и за зголемување на производство на електрична енергија.
Нашата земја е земја на сонцето. Тој огромен природен непресушен извор на енергија и потенцијал со заедничка работа и влог мора да го направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст.“