Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски ја прими амбасадорката на Португалската Република во нашата земја Марија Вирџинија Мендес да Силва Пина.
Премерот Спасовски на средбата го нагласи интересот на нашата земја за продлабочување на целокупните односи меѓу двете земји како неопходност имајќи го предвид фактот што наскоро Северна Македонија станува полноправна членка на НАТО, со што двете земји стануваат сојузници, и ја очекува одлуката за започнување на преговори со ЕУ со што ќе се отворат можности за поблиска соработка меѓу двете земји.
На средбата беше истакнато дека двете земји имаат интерес да ја подобрат билатералната рамка на соработка, во однос на потпишување на билатерални договори за одбегнување на двојно оданочување, за реципрочна промоција и заштита на инвестиции, за размена и взаемна заштита на класифицирани информации.
Овие, како и сите останати билатерални договори меѓу Северна Македонија и Португалија, ќе отворат простор за поширока и подлабока соработка, особено во делот на економијата и бизнисот каде што се препознаваат сериозни потенцијали.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски ја повтори поканата до португалскиот премиер Антонио Коста да ја посети нашата земја во знак на искреното политичко пријателство и во насока на поттикнување на соработката.