Министерката за одбрана Радмила Шекеринска: Со ратификувањето на Северноатланскиот договор ставивме печат на нашето постоење како независна, суверена, стабилна и просперитетна држава

„Со ратификацијата на Северноатлантскиот договор за наше пристапување во Алијансата, иднината на нашата татковина е обезбедена, обезбеден е и нејзиниот суверенитет и интегритет. За многу кратко време, нашето членство ќе биде заверено, а со тоа ќе удриме печат на нашето постоење како независна, суверена, но сега веќе и стабилна и просперитетна држава. Бројката 30 ќе добие ново значење и за нас и за Алијансата“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната прес–конференција посветена на изгласувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието.
 
Министерката Шекеринска посочи дека со членството во НАТО стануваме дел од безбедносниот чадор кој штити една милијарда луѓе и додаде дека прогресот може да се измери и според брзината на ратификациите во парламентите на сојузниците, но и според домашните достигнувања.

 
„За само две и пол години, минималната плата ја зголемивме за речиси 60 проценти, просечната плата го има историскиот најбрз и најзначаен раст, економијата од минус 1,8 проценти, за само две и пол години повторно расте нешто под 4 проценти, невработеноста е намалена на историски најниски 17 отсто, отворивме над 60.000 работни места“, рече министерката Шекеринска и посочи дека тоа се само дел од придобивките од нашето членство во НАТО – Алијансата.
 
Членството во Алијансата, рече Шекеринска, е постигнување и на граѓаните, особено имајќи предвид дека за прв пат во историјата како независна држава една идеја добива поддршка од огромен број граѓани, над 610.000. Разликата на оваа реалност, додаде, е очигледна – денеска не се разговара за нас без наше присуство, денеска ние седиме на иста маса со нашите партнери, на ист начин го соопштуваме и го браниме нашиот став, заедно кроиме стратегија, даваме идеи како Алијансата да биде посилна, стабилноста да биде поголема.
 
Министерката Шекеринска изрази задоволство што придобивките од членството во Алијансата, првенствено и директно ги почувствуваа припадниците на Армијата, особено преку зголемувањето на буџетот за одбраната.
 
„Шеснаесет-процентно зголемување на платите, 7.500 денари плус за станарина, 50 посто зголемување на платите на професионалните војници, пензионирање според најповолни бенефицирани услови, нови машини, нова опрема, нова поддршка на Армијата. Сето тоа се директни бенефити на нашето членство во НАТО“, истакна министерката Шекеринска.

“Вчера се уверивме дека за ратификацијата на Северноатлантскиот договор во нашиот Парламент, гласаа сите, буквално сите, вклучително и колегите од ВМРО ДПМНЕ. Се прашувам со кој образ некој од утре, денес, задутре, повторно ќе заговара рушење на Преспанскиот договор и поништување на нашето членство во НАТО. Нема ли тоа да биде нова срамна лага, пред својот народ и пред своите граѓани. Баш би сакала да го видам јунакот кој после таков консензус во Собранието, ќе ги поништи вчера дадените гласови во Парламентот и да го видам оној кој што ќе се дрзне да го избрише и поништи најголемиот наш успех од независноста до денес”, рече Шекеринска.

 Министерката Шекеринска посочи дека предизвиците изминатите две и пол години не беа нови, но инструментите за нивно решавање беа навистина нови. Истакна дека денеска се зборува на јазикот кој што создава сојузници, наместо противници.
 
„Поместивме навистина планина. Планина која беше помеѓу нас и шансите на подобра држава и шансите за напредок. Кога ги најавивме нашите амбициозни планови, знам дека многумина, дури и оние кои што сакаа да веруваат во нив сметаа дека се тешки. Некои сметаа и дека се невозможни. Ги демантиравме“, заклучи министерката за одбрана Шекеринска на денешната прес-конференција.