Пациентката со констатиран позитивен наод за заразеност со вирусот „Ковид 19“ е во добра состојба и се лекува во делот за изолација на Инфективната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, а кај другите двајца пациенти кај кои постоеше сомневање е утврден негативен тест за корона вирусот, рече на денешната прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
На конференцијата со новинарите министерот Филипче соопшти дека наскоро ќе бидат соопштени и резултатите кај четвртото лице кое допатувало од Италија и дека јавноста веднаш ќе биде известена.
Што се однесува до останатите лица кои патувале со пациентката кај која беше утврден вирусот кај ниту еден до сега нема симптоматологија која укажува дека се заразени со „Ковид 19“, но, нагласи министерот Филипче, за нив останува постапката да бидат во домашна изолација и под медицински и безбедносен надзор до крајот на периодот на инкубација, односно 14 дена.
Министерот Филипче информираше дека во домашна изолација се вкупно 12 лица, вклучувајќи ги и лицата кои биле во контакт со патниците во комбето кои ноќта на 26 февруари влегоа во земјата на граничниот премин Табановце.
Изолацијата во домашни услови останува сѐ додека се појават првите симптоми на заразеност со корона вирусот, по што лицата каде што ќе се констатира позитивен тест веднаш ќе бидат префрлени во болнички услови.
За сите лица во домашна изолација е обезбедено снабдување со храна, вода и сите останати намирници од „Црвениот крст“, а Центрите за јавно здравје ја обезбедуваат целосната лекарска заштита доколку за тоа се укаже потреба, истакна министерот за здравство д-р Венко Филипче на прес-конференцијата.