Од 55-тата седница на Владата: Се нормализира јавниот градски и меѓуградскиот јавен превоз од и кон Општина Куманово; Се укинува домашната изолација, која беше задолжителна после државниот карантин

Владата на Република Северна Македонија на денешната 55-та седница го прифати предлогот на Главниот штаб за координација, врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, за нормализирање на јавниот градски и меѓуградскиот јавен превоз од и кон Општина Куманово.

На оваа седница е прифатен и предлогот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со кој патниците од странските земји, кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија, по завршување на временскиот период од 21 ден или 14 дена во задолжителен државен карантин, веќе нема да бидат упатувани на дополнителна домашна самоизолација.

Владата, денеска, ја донесе Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба, со која се уредува дека за време на траење на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година, при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во возилото се присутни, претседателот на испитната комисија и испитувачот по практичен дел.

На денешната седница е донесен новиот текст на Програмата за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации за 2019 година, со дополнување, според кое се предлага рокот во кој здруженијата и фондациите треба до Генералниот секретаријат да достават извештај за користење на средствата, од 30 јуни 2020 година да се продолжи до 30 ноември 2020 година, а Генералниот секретаријат да достави Извештај за реализација на оваа Програма до Владата на Република Северна Македонија, со финансиски показатели и образложение на постигнатите резултати, до 31 декември 2020 година.

Владата, денеска, го разгледа Извештајот за работа на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор во 2019 година, како и информацијата за намалување на финансиските средства за поддршка на здруженијата и фондациите и го прифати укажувањето на Комисијата за политички систем на Владата, да се разгледа можноста за обезбедување  дополнителни финансиски средства наменети за граѓанскиот сектор. 
 

Извадок од Нацрт – записникот од 55-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1

Извадок од Нацрт – записникот од 55-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2

Извадок од Нацрт – записникот од 55-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 3

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба, донесена на 55-та седница на Владата

Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена на 55-та седница на Владата