Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска одржа заедничка прес-конференција со д-р Фабио Скано, советник на регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација.
На прес-конференцијата, министерот Филипче се заблагодари на д-р Скано за прифатената покана за посета на Северна Македонија, која е во рамки на соработката помеѓу локалната канцеларија на Светската здравствена организација и Владата во борба против пандемијата со КОВИД-19 вирусот.
„Во изминатите неколку денови имавме интензивни разговори за состојбата со коронавирусот, глобално, понатаму за регионот и посебно за нашата земја. Имавме продуктивни состаноци со Комисијата за заразни болести, Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, на неколку јавно здравствени установи, лабораториите во кои што се врши дијагноза на вирусот. Разговаравме за досегашното искуство во борбата со вирусот, активностите и мерките кои досега беа преземени и секако за следните чекори за справување со епидемијата. Светската здравствена организација е наш стратешки партнер, во многу сегменти во здравството, уште повеќе сега откако и ние како земја се соочуваме со овој голем светски здравствен предизвик“, истакна министерот Филипче.
Тој потенцираше дека претставничката на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Џихан Тавилах сите овие 4 месеци дава огромна поддршка на нашиот систем за справување со вирусот за што изрази голема благодарност.
„Локалната канцеларија на Светската здравствена организација е во секојдневна комуникација како со Министерството за здравство, така и со членовите на Комисијата за заразни болести, како и со многу други чинители во овој процес. Освен поддршката во консултации, препораки, донации која ја добиваме, СЗО ни оддава и признание за напорите, трудот, неуморната работа на здравствените работници, институциите и властите во справување со вирусот и во однос на менаџирање на кризата на терен, методологијата, мерките, но и во однос на целосно транспарентната комуникација со јавноста, односно известување за состојбата со вирусот во нашата земја. Уште кога кон крајот на јануари, СЗО прогласи светска вонредна состојба ја интензивиравме оваа наша меѓусебна комуникација, ги преземавме сите мерки и препораки кои ги издаде институцијата и го подигнавме нивото на будност на повисоко ниво, дури и пред да го регистрираме првиот случај во нашата земја“, рече министерот Филипче.
Министерот Филипче посочи дека се воведуваа димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем. Редовно се информира за статистиката, во континуитет се споделуваат препораки, други важни информации за да се подигне свеста во заедницата за вирусот, неговото присуство и мерките за заштита на граѓаните.
„Нашиот здравствен систем во овој момент целосно е прилагоден кон новата состојба, секојдневно ја следиме состојбата на болничките капацитети, на медицинскиот кадар и на дневна основа по потреба правиме прилагодување, ротации на здравствените работници со цел да одговориме на овој предизвик. Она што е најважно е поддршката од граѓаните, целосното почитување на мерките и солидарноста - ако ова го имаме многу брзо ќе ја надминеме оваа состојба. Сега кога во целост, постепено се враќаме кон редовните животни активности, повеќе од било кога е важно сите да дадеме свој придонес во спречување на вирусот, сите сме заедно во оваа битка и секој еден од нас е важен“, додаде Филипче.
Д-р Фабио Скано, советник на регионалниот директор на СЗО - Европа изрази благодарност до Владата на Северна Македонија, Министерството за здравство и Канцеларијата на СЗО во Скопје.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да се заблагодарам на д-р Џихан Тавила, шефицата на Светската здравствена организација во Скопје и на нејзините колеги за целокупната поддршка што и ја даваат на Владата во одговорот на КОВИД-19. Она што го гледаме сега во Северна Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека се до моментот на пронаоѓање делотворна вакцина не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме гардот. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците што претстојат, ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи. Оваа моја посета на вашата земја се случи токму навреме. Она што го гледаме низ светот укажува на заклучокот дека вирусот нема наскоро да си замине, напротив, тој брзо се шири и коси животи, и затоа треба да направиме се што е потребно за да му се спротивставиме на проактивен начин, односно да бидеме пред него“, изјави д-р Скано.
Тој информираше дека во понеделникот пристигнал во Скопје за да работи со националните и локалните органи на одредени аспекти во одговорот на КОВИД-19.
„Целта ми е подобро да се запознаам со состојбата на епидемијата КОВИД-19 и ефектите од мерките коишто се преземаат овде. Во изминатите три дена имав мошне интензивна агенда, имав средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски, и со членовите на Комисијата за заразни болести, со членовите од оперативниот центар за кризи, националниот Институт за јавно здравје и Центрите за јавно здравје. Разговарав со поединци и со претставници на религиозните заедници. Главните согледувања од нашата мисија се: Одговорот на Владата беше агилен, силен и навремен. Импресиониран сум од посветеноста на здравствените работници, на лекарите, на Институтот и Центрите за јавно здравје, и на сите останати кои неуморно работат за заштита на граѓаните од КОВИД-19. Конкретно ќе кажам, ставањето во функција за одговор се случи рано, уште пред да се појави првиот случај. Почнувајќи од силниот капацитет за тестирање којшто овозможи идентификување на пациенти уште од раните фази на пандемијата. Агилното пренаменување на здравствените установи за лекување на болни од КОВИД-19, што овозможи болните да бидат згрижени, како и раните мерки за заштита на постарите луѓе во домовите за стари лица спречи голем број на смртни случаи, нешто што се случи во останатите земји. Имаме целосно разбирање за тоа дека социо-економските последици од јавно-здравствените мерки предизвикуваат загриженост затоа што директно влијаат врз животот и егзистенцијата на луѓето. Сепак, здравствениот и економскиот интерес не мора да бидат во судир. Одговорот треба да биде поизнијансиран, а јавно-здравствените мерки сразмерни на степенот на пренесување на болеста. Еластичноста и правењето градација на локално ниво се клучни во овој поглед“, рече д-р Скано.
Д-р Скано рече дека повторното појавување на случаите е нешто што може да се изменаџира, и затоа во иднина сите напори треба да бидат насочени кон спречување на ваквите појави. Ова ќе биде можно доколку власта и граѓаните си помогнат едни на други, и цврсто соработуваат. Северна Македонија до неодамна беше еден од најдобрите примери за одговор на КОВИД-19 во европскиот регион. Светската здравствена организација и земјата повторно можат да се вратат на ваква позиција. Тој порача до Владата да продолжи да ги идентификува, изолира и тестира, како и да ги следи контактите и да ги стави во карантински режим.
„Она што го знаеме е дека треба да се прекине ланецот на пренесување, секој случај да биде изолиран, згрижен и тестиран, и секој контакт треба да биде во карантин. Ова треба да се направи со целосно ангажирање на локалните заедници, сите оние кои се болни треба веднаш да се самоизолираат. Понатаму, треба да се следи појавувањето нови случаи, и да се искористат податоци во реално време за да можеме да бидеме пред вирусот, а да не каскаме позади него како што ќе работиме против КОВИД-19. Мораме да мислиме и на другите, пред се есенцијални услуги за пациентите, а истите треба да бидат одржувани во функција. Треба да се избегнуваат или соодветно да се менаџираат собири и групирања на поголем број луѓе, со цел да не се дозволи вирусот да се пренесува од лице на лице. Треба да се воведат ако е потребно таргетирани, односно целно ограничени мерки на контрола и тие треба да бидат предмет на мерење односно градација.
Сепак, ова не е само задача на Владата. Целото општество треба да биде дел од овие напори. Секој поединец има обврска да помогне, сите позитивни случаи да бидат пронајдени и изолирани, а сите контакти најдени и ставени во карантин. Само со прекинување на ланецот на пренесување може да се запре КОВИД-19. Сите треба да продолжиме со миење на рацете, да внимаваме како кашламе, да држиме безбедно растојание со другите луѓе и таму каде што треба да носиме маска на лицето.
Знаеме дека овие едноставни и паметни мерки ќе не заштитат и нас и нашите блиски. Секоја влијателна личност, лидер на заедницата и новинар треба да изнесуваат факти, да се осврнат на перцепциите што ги имаат граѓаните и да укажат на потребата за однесување со кое ќе се заштитиме сите ние. За ова е потребна посветеност од целото општество, кон здравјето на секој поединец, но и кон здравјето како една од детерминантите на економијата“, потенцираше Д-р Скано.