Премиерот Заев на прес-конференција со помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД Фeнон: Од земја која што беше на изолиран енергетски колосек, Северна Македонија денеска е интегрирана во енергетско поврзување за брз економски развој

„Од земја која што беше ставена на последниот, изолиран и маргинален енергетски колосек, и која беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи за брз економски развој“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на прес-конференција со помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на Соединетите Американски Држави, Францис Фeнон, која се одржа веднаш по билатералната средба, на која се разговараше за поддршката на САД на регионалната соработка во енергетиката како значаен дел од приоритетите на Стратегијата за енергетика на Северна Македонија,  од која произлегуваат конкретни мерки и проекти од аспект на преку граничното поврзување со Грција и другите земји од Западен Балкан.

На прес-конференцијата беше кажано дека со поддршка на Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во претстојниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти од енергетиката од особено значење за земјата и за регионот, и дека како земја која си ја има поставено енергетската независност како цел, за Северна Македонија поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција се од суштински и долгорочен интерес.

„За време на мојата посета на Атина пред две недели, добивме поддршка од конзорциумот  „Гастрејд“,  за вклучување на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес“, соопшти премиерот Заев на прес-конференцијата.

„Со државниот секретар Фенон разговаравме и за значењето на поддршката за интерконекторот за гас со Грција“, рече претседателот на Владата, и додаде дека со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан и, истовремено, и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција за стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија

На заедничката прес-конференција, премиерот Заев и помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД Фeнон информираа и за иницијативата за повторно ставање во функција на нафтовод Солун – Скопје, кој е изграден во 2000 година, и кој по престанокот со работа на рафинеријата Окта во 2013 година, не е во функција.

Грчката компанија „Хеленик Петролеум“ е заинтересирана повторно да го стави овој капацитет во функција и да го надгради како продуктивод на деривати. На тој начин ќе биде создаден ХАБ центар во Скопје и од овде, освен домашниот пазар, би се снабдувале со деривати како и пазарите на другите земји во регионот.

Премиерот Заев нагласи дека со ова поврзување на Северна Македонија со Грција, со поддршка на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси.

Помошникот државен секретар за енергетика и ресурси на САД Фeнон на прес-конференцијата дека вклучувањето на Северна Македонија во овие енергетски проекти ја прави земјата значаен регионален партнер, како земја која постигна многу на планот на енергетските политики, и дека со конектирањето со главните енергетски коридори преку Грција ќе се постигнат огромни придобивки за земјата и за сите земји од Западен Балкан и Југоисточна Европа. 
 


Заев: Енергетското поврзување на Северна Македонија со Грција, со поддршка на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев го прими помошник државниот секретар за енергетика и ресурси на Соединетите Американски Држави, Францис Фeнон.

По средбата, премиерот Заев и помошник државниот секретар за енергетика и ресурси на САД Фeнон одржаа заедничка прес-конференција.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата Заев во целост:

„Ми претставува посебно задоволство што од средбата со помошник државниот секретар за енергетика и ресурси на Соединетите Американски Држави, господин Францис Фeнон, произлегоа неколку важни информации кои сакаме заеднички да им ги соопштиме на нашите граѓани.

Со поддршка на Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер и сојузник во НАТО, Северна Македонија во претстојниот период ќе забрза и ќе иницира неколку проекти од енергетиката од особено значење за земјата и за регионот. 

Да ве потсетам дека оваа средба доаѓа како континуитет на мојата посета на Атина пред две недели, како и на тркалезната маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“ во Солун на која учествуваше наша владина делегација составена од министерските ресори кои покриваат енергетика и на која говореше и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Регионалната соработка во енергетиката е дел од приоритетите во нашата Стратегија за енергетика и од таму произлегуваат конкретни мерки и проекти од аспект на преку граничното поврзување кои беа теми на средбите во Атина и Солун. 

Како земја која си ја има поставено енергетската независност како цел, за Северна Македонија поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција се од суштински и долгорочен интерес.

За време на мојата посета на Атина пред две недели, добивме поддршка од конзорциумот  „Гастрејд“,  за вклучување на Северна Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес.

Со државниот секретар Фенон разговаравме и за значењето на поддршката за интерконекторот  за гас со Грција.

Со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан и, истовремено, и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција.

Овие проекти на Северна Македонија ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија

Разговараме и за повторно ставање во функција на нафтовод Солун – Скопје, кој е изграден во 2000 година, и кој по престанокот со работа на рафинеријата Окта во 2013 година, не е во функција. 

Грчката компанија „Хеленик Петролеум“ е заинтересирана повторно да го стави овој капацитет во функција и да го надгради како продуктивод на деривати. На тој начин ќе биде создаден ХАБ центар во Скопје и од овде, овен домашниот пазар, би се снабдувале со деривати како и пазарите на другите земји во регионот.

Сакам да нагласам дека, со ова поврзување на Северна Македонија со Грција, со поддршка на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси.

Сето ова ја прави разликата што ја направивме за овие три години. Од земја која што беше ставена на последниот, изолиран и маргинален енергетски колосек, и која беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи и за брз економски развој“.