Канческа-Милевска: Музејска поставка за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија

Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска во рамки на работната посета на Музејот на Македонија изјави дека посебна музејска поставка за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ќе биде поставена во оваа национална установа.

- Оваа година ќе се почне со активности на музејската поставка во Музејот, еден посебен дел за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Се планира да има посебна музејска поставка со сите светски стандарди уредена, со нови витрини... Тоа ќе почне оваа година да се реализира. Овој проект беше и во програмата на Владата и Министерството, рече Канческа-Милевска.

Вакво нешто, појасни таа, не постои, а тоа е значаен елемент од историјата на државата.

- Мислам дека заслужуваат да имаат еден репрезентативен простор каде што ќе бидат изложени вредни артефакти и наоди и ќе биде презентирана нивната историја, она со што тие се соочиле. Преку Кинотеката на Македонија до крајот на месецов ќе се презентира првиот дел од документарниот филм за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, кој потоа преку Македонската телевизија ќе биде презентиран и до целокупната јавност. По завршување на второто истражување надвор од државата, ќе биде промовиран и вториот дел од овој документарен филм, рече Канческа-Милевска.

Посочи дека е разговарано и за уредување на платото на Музејот и се надева дека оваа година до конкурсот во јуни од Музејот ќе изработат одредена проектна програма за да се види од следната година што може да се направи во тој дел.

За кровната површина на Музејот на Македонија, ифнормира дека е завршена целосно, а инвестицијата од 10 милиони денари е доделена од Министерството.

Таа го нагласи доброто менаџирање на директорот на Музејот, Перо Јосифовски за се она што тој го прави во насока на музејската дејност.