Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, како дел од редовните годишни консултации.
Состанокот имаше за цел информирање за економските изгледи, фискалната и монетарната политика како и финансиската стабилност во земјава. Премиерот Заев ја истакна соработката со ММФ како значително важна од повеќе аспекти меѓу кои и мониторингот на економските перформанси на нашата земја.
Од ММФ оценуваат дека реализација и вложувања во капиталните инвестиции во следниот период можат да помогнат за зголемување на потенцијалот за раст на економијата, со препорака во услови на КОВИД-19 да се продолжи со поддршка на здравствениот систем како приоритет, како што впрочем е предвидено и во предлог Буџетот за 2021 година.
Премиерот Заев рече дека моменталната криза е можност за системски реформи и согласно трендовите, трансформација кон новата развојна економија со фокус на дигитализација, енергетика и обновливи извори на енергија, како и создавање на предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции. За таа цел покрај справување со пандемијата се прават планови на среден и долг рок за реализација на економските политики, со цел реалниот сектор да може да планира инвестициска активност. Беше нагласена и важноста од координирана акција за справување со неформалната економија која прави штети на буџетот на државата и регистрираните деловни субјекти.
Како што беше истакнато на состанокот и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните економски реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст.
На состанокот беше дискутирано дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Беше заклучено дека е потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки согласно моменталната состојба за ублажување на ефектите.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, беше посочено и дека од голема важност е финансиската стабилност. Во таа насока, банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, е стабилен и значаен за поддршката за економијата и во натамошниот период на ревитализација.