Портпаролoт на Владата, Душко Арсовски, денеска ја одржа редовната прес-конференција и информираше за одлуките од вчерашната редовна 24-та владина седница.
Одговарајќи на новинарско прашање за ветингот во судството, портпаролот Арсовски информираше дека министерот за правда во првите сто дена од мандатот ќе излезе со план за овој процес.
Арсовски истакна дека државата не може да ја направи оваа филтрација, туку процесот треба да го спроведат и завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Државата може само да даде временска рамка и начин како тоа да се направи. Според информациите што ги имаме од 2019-2020 само судскиот совет разреши 8 судии. Оваа година, се почнати постапки за 83-ца за застареност на предмети, несоодветно постапување и слично. Мора да се напомене дека целиот процес изгуби на интензитет поради пандемијата“, нагласи Арсовски и посочи дека Владата не се откажува од овој процес зашто тоа е ветено пред граѓаните и ќе се оствари.
Тој дополни дека како дел од овој процес е проверката на имотот на судиите, а во кој е вклучена Државната комисија за спречување на корупцијата.
На прашање за актуелните разговори со Бугарија, портпаролот Арсовски повтори дека нема нов договор и дека Владата е подготвена да ги дообјасни прашањата што побудуваат определена загриженост во Софија, но дека никој нема право да преговара за идентитетот и за јазикот.
„Контактите и размената на идеи меѓу македонската и бугарската влада се во постојан тек. Двете страни се вложени во изнаоѓање решение. И за Северна Македонија и за Бугарија е особено важно да продолжи европската интеграција на регионот. Оттука, со оптимизам гледаме на можните решенија кои во исто време ќе ја обезбедат нашата европска иднина со целосно почитување на македонскиот идентитет“, потенцираше Арсовски.
Во однос на прашањето за регистрацијата на возилата со странски таблици со намалени давачки, портпаролот Арсовски истакна дека благодарение на стандардите кои се поставени, односно возилата да имаат мотори со најмалку Еуро 4 стандард, не постои опасност во земјата да се зголеми бројот на стари и нееколошки возила.
Портпаролот Арсовски одговарајќи на прашање за владината одлука за распределба на средства до единиците на локалната самоуправа, појасни дека станува збор за претходно утврдена практика, која нема временски рокови, ниту пак е поврзана со следните локални избори.
Во оваа насока портпаролот истакна дека целта на Владата е постојано да помага, особено сега, кога се соочуваме со пандемија, а се неопходна реализација на капитални инвестиции.
Во однос следните мерките за справување со пандемијата и дали ќе се воведе карантин во Прилеп и некои други општини, портпаролот Арсовски нагласи дека се чека мислењето на Комисијата за заразни болести.
На прес-конференцијата портпаролот Арсовски информираше за дел од заклучоците, одлуките и информациите кои беа разгледани и прифатени на 24-тата седница, меѓу кои и дека:
- Владата го утврди текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистерски таблици со одлука да биде доставен на усвојување во Собранието.
Целта на овој Предлог-закон е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи.
- Владата донесе Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година со која се одобруваат средства во износ од 144.260.500,00 денари на 89 јавни комунални претпријатија членки на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги за Република Северна Македонија како мерка од Програмата за справување со КОВИД–19 кризата како еднократна финансиска помош со цел надминување на тешката материјална состојба на вработените во овие претпријатија.
- На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска донесе Одлука за распределба на средства обезбедени во потпрограма 20-Сообраќај и комуникации, ставка 488-Капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во износ од 74.500.000,00 денари.
Владата донесе одлука и за распределба на средства обезбедени во потпрограма 30-Урбанизам и градежништво за капитални дотации во единиците на локалната самоуправа од Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година во износ од 46.170.000,00 денари за реализација на проекти во повеќе општини.
- Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање. Целта на Законот за Агенција за разузнавање е да се направи јасна дистинкција меѓу АНБ чија надлежност се поклопува со надлежноста на Агенција за разузнавање, согласно постојниот закон.
- Владата ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот декември 2020 – декември 2022 за потребите на населението на Република Северна Македонија.
- Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец ноември 2020 година.
- Мухамед Зекири беше именуван за нов генерален секретар на Владата, а беа донесени одлуки и серија други кадровски решенија.