Во Неготино отворена нова училишна спортска сала, дел од владиниот проект за развој на спортот и младите

Премиерот Никола Груевски заедно со министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ја пуштија во употреба новата спортска сала во ОУ „Страшо Пинџур“ во Неготино. Објектот е дел од проектот за 145 училишни спортски сали, а за нејзината изградба се издвоени 24 милиони денари.

Премиерот Груевски во обраќањето пред граѓаните истакна дека Владата продолжува да вложува во спортот, спортските објекти, но и во развојот на младите таленти кои во иднина ќе ја преставуваат Македонија.

- Спортот и часот по физичко образование значат здравје, насочување кон други вредности на младите луѓе наместо кон пороците на денешното време. Спортот значи учење уште од мали нозе да се победува, да се претрпи пораз и младите да се подготват за следниот натпревар и да победат. Спортот ги учи младите да се борат во животот, да учествуваат во колективна игра и да станат силни индивидуи, рече Груевски.

Посочувајќи на истражување од 2005 и 2006 година, истакна дека дека се покажало оти две третини од учениците имаат проблеми со рбетот заради невежбање или несоодветно третирање на часот по физичко образование и немање спортски сали.

- Од овие причини Владата се одлучи на изградба на 180 спортски сали низ цела Македонија. Почнати се два проекта, едниот преку МОН, а другиот преку Агенцијата за млади и спорт. Во завршна фаза, рече Груевски, се 35 спортски сали кои се градат преку АМС, додека МОН треба да реализира 145 сали.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека новата спортска сала обезбедува услови за практикување на сите групни спортови - кошарка, мал фидбал и одбојка, а со опремувањето со спортски реквизити ќе овозможи и вежбање гимнастика. Со тоа, додаде тој, се создаваат соодветни услови за реализирање на наставата по спорт и спортски активности за 787 ученици од ОУ „Страшо Пинџур“.

- Преку импелементација на овој проект Владата и МОН се стремат да придонесат за искоренување на лошите навики, поттикнувајќи ги младите да се занимаваат со спорт со што ќе се стимулира не само правилен раст и развој, туку и подобрена концентрација, натпреварувачи дух и амбициозност кај младите, рече  Кралев.

По Неготино, премиерот Груевски заминува за Дојран каде што ќе присуствува на пуштањето во употреба на пешачка патека долж крајбрежјето на Дојранското Езеро во должина од 2.650 метри со инвестициска вредност од 53,4 милиони денари.