Премиерот Заев и директорот на ЕСМ, Ковачевски ги промовираа новите еколошки автобуси за работниците на „РЕК Битола“: На овој начин европските еко стандарди ги носиме дома!

Претседателот на Владата Зоран Заев и генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) Васко Ковачевски, денеска, промовираa шест нови еко-автобуси на природен гас-метан наменети за превоз на работниците на „РЕК Битола“.
 
Инвестицијата вредна 1,4 милиони евра е финансирана со сопствени средства на АД „ЕСМ“ и претставува реализирање на определба опфатена во програмата на Владата.
 
„Набавката на новите автобуси на природен гас е исполнување на ветувањето на Владата и „ЕСМ“ за подобрување на условите за работа  во комбинатот, за намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина“,  нагласи премиерот Заев на настанот.

 
Беше констатирано и дека со набавката на новите, еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови. Од еколошки аспект, автобусите кои до сега ги превезуваа работниците не ги исполнуваат ниту минималните еколошки стандард за разлика од новите, еколошки превозни средства.
 
Што се однесува до „РЕК Битола“, на денешниот настан беше посочено дека во изминатите три години направени се капитални ремонти на секој од трите блока на Термоелектраната. Почнувајќи од 2018 година со Блок 1, продолжувајќи во 2019 година со Блок 2 и завршувајќи годинава со капитален ремонт на Блок 3, АД „ЕСМ“ и „РЕК Битола“ ги направија неопходните зафати со цел зголемување на ефикасноста на постројките.
 
„Со овие зафати покажуваме дека нашите заложби за чиста животна средина и намалување на емисијата на гасови, не се само празни ветувања, туку се спроведуваат во пракса. Тоа не беше случај претходно. И покрај конкретните препораки дадени во 2010 и 2011 кога последно се модернизираа Блоковите 2 и 3, ремонтот да се направи, не подоцна од 6 години, Владата тогаш предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не го направи тоа. Затоа, капиталните ремонти на трите блока во РЕК Битола беа еден од приоритетите на „ЕСМ“ и „РЕК“ со целосна поддршка од Владата и истите беа изведени согласно претходно наведената динамика“, изјави премиерот Заев.
 
Генералниот директор на „АД ЕСМ“, Васко Ковачевски изрази благодарност кон Владата и претседателот Заев за поддршката при инвестирањето во енергетиката и посветеноста на проектите во енергетскиот сектор.

,,Нашата определба е сите нови инвестиции, во било кој сегмент од „АД ЕСМ“, да бидат во правец на трендовите кои значат определба да живееме и работиме во знакот на зелената боја, а согласно тоа - и да се движиме на зелено. Овие шест еко-автобуси, кои користат природен гас-метан и кои не произведуваат загадувачки издувни гасови, ја покажуваат нашата определба кон извори на енергија, инвестиции, возила, кои  сè помалку ќе загадуваат,  и кои ќе не движат кон  сè  почиста, па и целосно чиста средина во следните години и децении, како поставена цел во светски рамки и тренд кој е веќе трасиран.  АД „ЕСМ“ и вчера помогна на Битола. Со три милиони денари, кои ги заштедивме со неизработка на новогодишен рекламен материјал годинава, обезбедивме довод за кислород во модуларните болници во Битола и во Кичево. И тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина“, рече Ковачевски.
 
На денешната промоција на новите еколошки автобуси беше посочено дека тие, во периодите кога нема да превезуваат работници на „РЕК Битола“, согласно можностите и законската регулатива, ќе бидат ставени на располагање за превоз на ученици, студенти, пензионери, членови на спортски клубови, на здруженија и на невладини организации од општините Битола, Новаци и Могила како општини и населени места кои се најблиску до комбинатот.


Премиерот Заев: Го реализираме она што го ветивме во врска со преминувањето кон извори на чиста енергија-вработените од „РЕК Битола“ ќе се превезуваат со еколошки автобуси на природен гас

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, придружуван од генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и директорот на комбинатот „РЕК Битола“, Златко Ќурчиевски, присуствуваше на промоцијата на нови автобуси на еколошки погон, кои ќе се користат за превоз на работниците во РЕК Битола. 

Во продолжение, изјавата на премиерот Заев:

„Владата на Република Северна Македонија, се обврза пред своите граѓани дека вложува во енергетиката и енергетската ефикасност, а донесовме одлука и истата ја реализираме - постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија, како што се водата, сонцето и ветерот.

Наша обврска пред граѓаните е да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок и здрава животна средина.  

Шесте нови еко-автобуси кои денеска ги промовираме, се само еден чекор во таа насока. Овие автобуси кои ќе служат за превоз на работниците во „РЕК Битола“, се на еколошки погон, односно работат на метан. На овој начин постепено го менуваме возниот парк на РЕК, во кој со години воопшто не се вложуваше. 

Со набавката на новите, еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од „РЕК Битола“ кои работат во исклучително тешки услови. 

Од еколошки аспект, автобусите кои до сега ги превезуваа работниците не ги исполнуваат ниту минималните еколошки стандарди за разлика од новите, еколошки превозни средства. 

Тоа што според мене е важно да се истакне е што, ЕСМ и „РЕК Битола“,  несебично ќе ги стават на располагање овие автобуси и на околните општини, односно кога нема да превезуваат работници, ќе можат да ги користат за превоз на ученици, студенти, пензионери, членови на спортски клубови, на здруженија и на невладини организации. 

Набавката на новите автобуси на природен гас е исполнување на ветувањето на Владата и ЕСМ за подобрување на условите за работа  во комбинатот, за намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина.

Во тој правец се и останатите проекти кои се завршени во изминатиот период или се во тек. 

Се реализира еколошката инвестиција на 10 мегавати во Осломеј, преминуваме на следниот чекор на 100 мегавати, нови еколошки проекти, нови фотонапонски централи. Следуваат уште  10 мегавати сопствена инвестиција во Осломеј, двапати по 10 мегавати тука во „РЕК Битола“. Се разработуваат планови за двапати по 100 мегавати фотонапонски централи исто тука во РЕК. 

Тоа што го видовме внатре е подготвената механизација, целиот дел вграден на котлите за апсорпција на топлинската енергија за развој на новиот топловоден систем за греење на Битола, со поврзување на 33 важни институции, а со тоа примарната топлинска мрежа за градот Битола, и општините Новаци и Могила. 

Изминатите три години, во „РЕК Битола“ направени се капитални ремонти на секој од трите блока на Термоелектраната. Почнувајќи од 2018 година со Блок 1, продолжувајќи во 2019 година со Блок 2 и завршувајќи годинава со капитален ремонт на Блок 3, АД „ЕСМ“ и „РЕК Битола“ ги направија неопходните зафати со цел зголемување на ефикасноста на постројките. 

Со овие зафати покажуваме дека нашите заложби за чиста животна средина и намалување на емисијата на гасови, не се само празни ветувања туку се спроведуваат во пракса. Тоа не беше случај претходно. 

И покрај конкретните препораки дадени во 2010 и 2011 кога последно се модернизираа Блоковите 2 и 3, ремонтот да се направи, не подоцна од 6 години, Владата тогаш предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не го направи тоа.

 Веројатно се хистеришеше во тој период, како што беше и хистерично висока цената на тој Божиќ во 2017 година. 

Затоа, капиталните ремонти на трите блока во „РЕК Битола“ беа еден од приоритетите на ЕСМ и РЕК со целосна поддршка од Владата и истите беа изведени согласно претходно наведената динамика. 

Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа Влада која во енергетската стратегија зацрта постепено преминување кон обновливи извори на енергија со цел да ја направиме нашата земја, лидер во регионот во однос на еколошки чистата енергија“.