Заев: Вакцинирањето не е натпревар и ќе се спроведува експедитивно и по протоколи најдоцна од почетокот на март

Во интервју за емисијата „Само интервју“ на Канал 5, премерот Заев најави дека вакцинацијата за КОВИД-19 во земјата ќе започне најдоцна во март, дека вакцини ќе има доволно и дека целиот процес ќе се одвива според строго зацртани протоколи пропишани од Светската здравствена организација.

„Гледаме да работиме професионално и системски кога станува збор за вакцинацијата. Ги следиме и другите земји и системи. Очекуваме вакцинирањето да започне во март согласно протоколите. Околу 417.000 граѓани треба да бидат вакцинирани, односно околу 20% од населението. Имаме предвидена динамика на вакцинирање. Вакцинација ќе се одвива преку „Ковакс“ системот. Прво се очекува да пристигне вакцината од „Модерна“, па „Фајзер“ па „Спутник“. Инаку постои цел режим на вакцинација на населението“, подвлече премиерот.

Тој истакна дека граѓаните на нашата земја ќе се вакцинираат паралелно со граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ.

„На целиот наш народ му треба вакцинација со цел да стопираме пандемија. Кој, кога почнал е навистина ирелевантно. Јас не гледам на ова како на натпревар. Средства за набавување на вакцини се предвидени во буџетот. Порачавме  вакцини од ЕУ, а ја прифативме и помошта во вакцини од  Грција, Бугарија, Полска, Австрија. Секоја количина е добредојдена. За нас беше важно да направиме навремени чекори за да ги обезбедиме вакцините“, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека при вакцинацијата ќе се следат протоколите – прво ќе биде вакциниран медицинскиот персонал, па хронично болните и постари граѓани, па семејствата кои загубиле член на семејството. Исто така во оваа група спаѓаат наставничките како и воспитувачките во градинките. Тој подвлече дека треба да го следиме системот на набавка и дека штом пристигнат вакцините, имунизацијата ќе се врши експедитивно и по протокол.

„Ако  е предвидено вакцините да се донација, тоа ќе го почитуваме. Но за сите вакцини – дали од „Ковакс“ систем, дали од ЕУ, ние имаме буџетски средства да ги платиме. Што се однесува до руската вакцина „Спутник“ која исто така е во „Ковакс“ системот  се очекува дел од неа да стигне и кај нас и дека има можност таа да пристигне пред  вакцината „Модерна“, рече Заев.

Премиерот истакна дека се обезбедени и соодветни услови за чување на сите видови вакцини од онаа на „Фaјзер“ која се чува на температура до минус 70 степени, до сите други. Тој информираше дека кога ќе пристигнат вакцините, откако ќе се вакцинираат приоритетните групи граѓани, тој ќе биде првиот што ќе ја прими вакцината, и додаде дека вакцината нема да биде задолжителна,  но дека очекува со кампањата да се подигне свеста и одговорноста на граѓаните кон јавното здравје.