Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Муамет Хоџа и Душко Арсовски, на денешната прес конференција ги презентираа детали од одлуката за прераспределба на парите од концесионерот ТАВ, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ целата држава.
Како што истакна Арсовски, со 35 милиони евра почнува реализацијата на 99 инфраструктурни проекти во 75 општини.
Станува збор за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе им го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните. Парите се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти.
Портпаролот Хоџа, презентираше дел од проектите предвидени со оваа пренамена.
Над 1 милиони евра ќе добијат: Шуто Оризари, Штип, Чаир, Струмица, Тетово, Кичево, Струга за проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеењето на граѓаните.
Градот Скопје ќе има на располагање над 6 милиони евра за два проекти: Клучката Момин Поток и мостот Карпош.
Во Тетово со вкупно 1,1 милион евра ќе се реконструира училиштето Кирил Пејчиновиќ и ќе се изгради патот Благоја Тоска.
И Кичево со 1,1 милион евра следната година ќе реализира 4 проекти: Реконструкција на Центарот на градот, капела кај православните гробишта, Центар за кучиња скитници и Блок А, Б, В и Котлара.
Во Струмица парите ќе бидат насочени за регулација на Порој Св. Илија на потег од базна преграда до слив на река Водочница во Општина Струмица со вкупна проектирана вредност од 1,4 милиони евра.
Во ШТИП ќе се гради линија 2 со резервоар Мерите - Општина Штип, во вредност од 1,2 милиони евра.
Со 1,1 милион евра ќе се гради атмосферска канализација воопштина Шуто Оризари, и тоа на 4 улици.
Во Струга со над 1 милион евра ќе се градат неколку патишта на територијата на оваа општина.
Општина Чаир парите од 1 милион евра ќе ги насочи за да се реконструираат дел од водоводните мрежи како и мрежите за канализација и фекални води.
Според договорот со компанијата ТАВ склучен во 2008година и дополнет со 4 анекси, беше предвидено со 49 милиони евра да се изгради и карго аеродром. Од оваа вредност, 35 милиони се за реализација на инфраструктурните проекти, останатиот дел од средствата ќе се распределат за подобрување на авиосообраќајот во државата.
Исто така, во текот на 2022 и 2023 година, планирано е нова терминална зграда во Охрид, која ќе биде во државна сопственост и проширување на капацитетите на Скопскиот аердором со објекти во државна сопственост.
Евентуалната позитивна разлика помеѓу проектираната и изведбената цена, ќе биде уплатена на посебна сметка на Генералниот Секретаријат на Владата и парите ќе бидат наменети за чистење на линданот од кругот на фабриката ОХИС.