Општо за билатералните односи Република Македонија - Катар

Општо за билатералните односи

Република Македонија и Државата Катар воспоставија дипломатски односи на 25 јуни 1996 година.

Посетета на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски е прва официјална посета на македонски премиер на Државата Катар.

Република Македонија и Државата Катар, имаат особен интерес за воспоставување на успешна билатерална соработка, од аспект на динамизирање на економските односи и можноста за искористување на потенцијалните природни енергетски резерви со кои располага Катар во функција на обезбедување странски директни инвестиции во Република Македонија. Активната улога на Државата Катар во Регионот на Блискиот Исток, како земја која се стреми да изгради отворено општество, преку демократизација и севкупен развој и соработка со земјите од Регионот преку јакнење на довербата, особено меѓу арапските земји во Заливот, има дополнително значење.

За време на престојот во Република Македонија на Емирот на Катар, Ал-Тани на 17 и 18 октомври 2011 година, беа потпишани неколку билатерални договори од областа на културата, образованието, здравството, како и од економската сфера. Исто така, беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави и разменети мислења за ситуациите во регионот, на Блискиот Исток и во Северна Африка, како и на Балканот.

Посебен акцент беше ставен на развојот и унапредувањето на економските односи меѓу двете држави, односно зголемување на трговската размена, како и можноста за директни катарски инвестиции во македонското стопанство.

Катар – Економија/ Политика

Катар е најразвиената земја во светот според БДП (пред Лихтенштајн) и земја со најниска стапка на невработеност. Во 2010 година Катар имаше највисок економски раст во светот, 19,40%.  Растот и развојот на Катар се должат пред се на големите резерви на нафта и природен гас.

Од 2007 година Катар доживува брз раст и развој, благодарение на успешното менаџирање со приходите од природните ресурси.  Денес Катар се наоѓа на 21-то место во светот според дневниот извоз на нафта и на 3 место според извозот на природен гас. Катар е на 3- то место во светот според количините на докажани резерви на природен гас – 25 трилиони метри кубни.  Докажаните резерви на нафта надминуваат 25 милијарди барели и се доволни за непречено производство на нафта, на ниво на сегашните производни капацитети за следните 57 години. Нафтата и природниот гас придонесуваат за повеќе од 50% од БДП на Катар, 85% од приходите од надворешно-трговската размена и 70% од државниот буџет.

Бидејќи има мала работна сила помеѓу локалното население, денес се повеќе се зголемува бројот на странски работници во Катар. Работната сила на Катар се состои од Арапи (20% од населението), Индијци 20%, како и од Непал 13%, Пакистан 7%, Шри Ланка 5%, Филипини 10% и од други земји.

Државата Катар е апсолутна монархија со која владее фамилијата Ал Тани од средината на 19-от век. Од британскиот протекторат се ослободува во 1971 година кога станува независна држава (03 септември 1971 година), а со тоа и една од најбогатите држави во регионот со енормни резерви на нафта и природен гас.

Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати  претставуваат дел од Истанбулската иницијатива за соработка, воспоставена за време на одржувањето на НАТО Самитот во Истанбул во 2004 година. Саудиска Арабија и Оман начелно изразиле интерес за иницијативата.

Иницијативата има за цел воспоставување на практична соработка на НАТО со земјите од поширокиот регион на Средниот Исток, особено во областите на борбата против тероризмот и пролиферацијата на оружје за масовно уништување, одбранбените реформи, планирањето и финансирањето на одбраната, изведувањето на воени вежби, воени обуки, размената на разузнавачки активности, унапредувањето на меѓуграничната безбедност и цивилното планирање на вонредните ситуации.