Училиштата кои зимата имаа прекин на наставата часовите ќе ги надополнуваат во наредните саботи

Училиштата во кои зимата поради неповолните временски услови и обилните врнежи од снег имаше прекин на наставата, ќе мора да ги надополнат  изгубените часови со одржување настава во неработни денови односно во сабота.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на денешната прес-конференција истакна дека Министерството ги известило училиштата оти треба да изготват план како да ги надополнат изгубените часови и им препорачало оти би било најдобро тоа да го направат со одржување настава во сабота и тоа, како што рече, онолку денови колку не се изведувала наставата.

- Во периодот од 6-ти до 17 февруари, во одедени денови настава не се одвиваше во 224 училишта во 44 општини. Во три општини настава немало 10 дена, во девет општини девет дена, а во останатите општини по помалку денови. Училиштата согласно тоа колку часови изгубиле треба да изготват план како да ги надополнат и за тоа да го известат Државниот просветен инспекторат. Со оглед на тоа што до крајот на учебната година има уште десет саботи, би било добро да се почне веднаш со надополнувањето на часовите, рече министерот Кралев.

Според него, доколку од одредени причини некои од училиштата не се во можност да ги надоместат часовите во неработни денови, тогаш ќе се разгледаат други две варијанти и тоа скратена програма или продолжување на учебната година.

Министерот Кралев додаде дека со прекин на наставата биле опфатени 50 проценти учениците од основните училишта и 35 проценти од средните училишта. Тоа, рече министерот, покажува дека беше целосно оправдана проценката на Министерството дека за прекин на наставата треба да одлучат самите општини и училишта согласно временските услови, а не да се носи одлука за прекин на наставата на целата територија на земјава.