Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и портпаролот на Владата на Северна Македонија, Муамет Хоџа денеска одржаа заедничка прес-конференција на којашто информираа за тековните активности поврзани со пописот на населението, домаќинствата и становите.
Како што информираше портпаролот Хоџа, пописот во дијаспората се одвива со задоволителна динамика и без никакви проблеми. Утрово бројот на самопопишани македонски државјани изнесуваше 148.719 лица.
Директорот Симовски, се осврна на важноста од спроведување на попис, односно податоците кои ќе се добијат по завршувањето на најсложената и најважна статистичка операција за една земја.
„Пописот пред сѐ е операција којашто треба да обезбеди податоци кои се основа за креирање на политиките кои се од важност за сите граѓани. Затоа повикувам да се заборават сите повици на бојкот и обиди за политизација на овој процес. Податоците кои ќе ги добиеме се значајни за подобра иднина на сите нас“, рече Симовски.
Директорот Симовски апелираше до сите граѓани на нашата држава, да ја искористат можноста слободно и без никаков притисок да ја исполнат оваа граѓанска обврска.
Во однос на заштитата од ширење на пандемијата предизвикана од КОВИД-19, Симовски ги увери граѓаните дека во текот на целиот процес до најситен детаљ ќе се следат препораките од Комисијата за заразни болести и уште еднаш потенцираше дека не постои простор за грижа дека пописот ќе влијае кон зголемување на бројот на заболени лица.
„Временската прогноза ни оди во прилог и секаде каде што може пописот ќе се спроведува на отворено, таму каде нема можност ќе се внимава на протоколот и ќе се преземат сите превентивни мерки за заштита“, подвлече Симовски.
Одговорајќи на новинарски прашања за информации кои се однесуваат на одложување на пописот, Симовски беше категоричен дека станува збор за шпекулации и лажни вести. Сите активности за почеток на пописот на 1-ви април се одвиваат тековно и не постои сомнеж дека пописот ќе се одложи.
Во однос на казните во случај на одбивање да се учествува во пописот, како и за повиците за бојкот, директорот на ДЗС, потенцираше дека целта не е да се казнува туку да се соберат податоци кои ќе им служат на сите граѓани. Но, законите се јасни и надлежните институции доколку е потребно ќе постапат согласно тоа што е утврдено со закон.
„Прашајте ги сите инвеститори дали би инвестирале без основни податоци за една држава. Како ќе инвестираат ако не знаат за работна сила во регионот каде што сакаат да инвестираат, како ќе инвестираат ако немаат информација за каков пазар се работи... одговорот на овие прашања е причината зошто ни е неопходен пописот“, заклучи Симовски.