„Многу е важно да ги гледаме бројките во остварувањето на буџетот и економските параметри споредбено во првиот квартал оваа година со истиот квартал од минатата година кога последиците од пандемијата уште не беа започнати“, истакна премиерот Заев во интервју за ТВ Канал 5, и додаде дека Буџетот е ликвиден, редовно ги сервисира сите потреби и дека наплатата на приходите од почетокот на годината до 22 март е повисока за 3,3% во однос на преткризниот период лани.
„Приходите, заклучно со првото тримесечје, се реализирани со 22,8 проценти, расходите со 22,4 проценти, а капиталните расходи со 16,6 проценти. Макроекономските движења исто така одат во позитивна насока. Во јануари 2021 година извозот на стоки пораснал за 15,4% на годишна основа. Со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки е со раст од 5,3% и придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29%, а трговијата на мало во истиот период забележа раст од 2%“, рече премиерот Заев.
Согласно последните макроекономски и фискални движења, додаде претседателот на Владата Заев, се очекува во 2021 година да се врати економскиот раст и да ги надмине шоковите од пандемијата.
Предвидувањата се дека со закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како растот на домашната потрошувачка поддржан од антикризните економски мерки да бидат двигатели на економскиот раст, кој е проектиран на 4,1%.
Премиерот Заев нагласи дека трендовите помагаат во креирањето на следни фокусирани мерки, но претходно треба да се деблокираат и мерките од петтиот пакет во Собранието кои, освен што ќе го поддржат бизнисот, ќе ја стимулираат и економската активност преку поддршка на инвестициите и преку зголемување на бројот на вработените. На тој начин, рече Заев ќе се делува кон забрзување на заздравувањето на економијата, а понатаму и кон забрзување на економскиот раст.
„Просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8%, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто извршија зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година“, рече премиерот Заев во интервју за ТВ канал 5.