Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во работна посета на општина Гостивар каде што оствари средби со сопственици на компании од преработувачката, градежната индустрија и угостителскиот сектор.
Министерот информираше за поддршката на Министерството за економија за компаниите од гостиварскиот регион и присуствуваше на почетокот на градежните работи на новата фабрика на компанијата „Алмеро“.
Оваа компанија инвестира во нов капацитет за време на пандемија и планира да отвори 200 нови работни места.
„Сакам да му честитам на менаџментот ан компанијата Алмеро, и оваа нивна инвестиција кореспондира со мерките на владата кои ги реализиравме минатата година и новите мерки кои ги најавивме се со цел да им излеземе во пресрет на компаниите во реализација на нивните инвестиции. Така, директно им излегуваме во пресрет на компаниите за да ја зголемат конкурентноста иновативноста и да креираме нови работни места. На овој начин ќе овозможиме и зголемување на извозот што од друга страна пак индиректно влијае и врз малите и микропретпријатија кои пружаат услуги на поголемите компании, кажа министерот Бектеши.
Тој најави започнување на уште две инвестиции во гостиварскиот регион. Едната е фабрика која ќе пакува вода, а другата ќе произведува прехранбени продукти и ќе вработи над триста лица.
„Не е само оваа инвестиција во Гостивар, уште наредниот месец ќе имаме можност да учествуваме во почеток на инвестиции и на нови две компании , едната ќе биде за нов погон за производство на флаширана вода која ќе биде во село Чегране и другата ќе биде од преработувачката индустрија или пак за производство на различни производи за храна која ќе вработува над 300 луѓе тука во регионот во Гостивар, а тоа е компанијата Дела Нона а што се однесува до компанијата која ќе ја гради фабриката за флаширана вода е фабриката Делфина која веќе ги доби и сите дозволи од страна на Министерството за економија“ потенцираше министерот Бектеши.
Бектеши се осврна на поддршката на компаниите од гостиварскиот регион која државата ја пружи минатата година и напомена дека поддржани се компании од Гостивар кои имаат инвестиции од околу 5 милиони евра.
Министерот за економија Бектеши посочи дека следната недела во Собранието ќе биде доставено измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите кои предвидуваат директна поддршка во форма на грант од 20 проценти за сите компании што ќе инвестираат оваа и наредната година.