Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски денеска беа во посета на реновираниот објект на Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Општина Ресен.
Како што истакна премиерот Заев, станува збор за уште една остварена обврска во континуитетот на реализацијата на заложбата за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници, преку продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.
„Од денеска и ова реновирано одделение станува дел од остварувањата посветени на изградба на функционална инфраструктура во системот на нашата полиција и Министерството за внатрешни работи. Ова се рефлектираше во комплетно завршени градежни активности на објектите, и покрај овој објект во Ресен, досега се завршени, или се во тек уште многу вакви и слични активности. Завршени се работите на Аеродромската база - Петровец, на полициските станици и одделенија во повеќе регионални центри и општини, изградбата на новите современи форензички лаборатории се во завршна фаза, како и многу други зафати за современи услови за работа на полицијата и другите припадници на МВР“, информираше премиерот Заев.
Како и за сите досегашни објекти, и овој проект за реконструкција е спроведен согласно сите препораки за енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на животната средина.
Во овој момент активни се работите за реконструкција или реновирање на СВР Куманово, на Полициско одделение во Ростуше, а во претстојниот период во план се работите и на Одделението за внатрешни работи Прилеп, Полициската станица во Крушево и Полициското одделение во Чашка.
Премиерот Заев, се осврна и на обезбедените средства за исплата на бонус плата на вработени во МВР за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, како и средства за бонус плата за 2017 и 2018 година.
Во своето обраќање, министерот Спасовски се осврна на процесот на реконструкција на ОВР Ресен.
„Градежните работи за реконструкција и санација на објектот на ОВР Ресен, што започнаа во јануари годинава, со максимално почитување на сите протоколи се релативно брзо и квалитетно завршени во дадениот рок. Денес имаме објект кој внатрешно и надворешно, запазувајќи ги целосно стандардите за енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на животната средина, е комплетно реконструиран и ги исполнува потребите за поефикасно работење и функционирање на полициската служба во модернизирани услови. Цената на чинење за изведба на претходно конкретизираните занатски работи за процесот на реконструкција на објектот на ОВР Ресен изнесува околу 12.700.000 денари, средства издвоени од буџетот на МВР“, посочи Спасовски.
Градоначалникот на Општина Ресен, Гошаревски истакна дека со реконструкцијата на полициската станица во Ресен, значително се подобрува функционалноста, но и условите за работа на полициските служебници, а на истата се чекаше повеќе од 40 години.
„Општина Ресен има одлична соработка со централната власт и МВР, која особено се интензивираше за време на Корона кризата“, рече Гошаревски.
Премиерот Заев и министерот Спасовски присуствуваа и на работен состанок во Општина Ресен. Градоначалникот Гошаревски им врачи благодарници за успешната соработка при реализација на капитални објекти во општината.