Министерот Кралев на одбележување на петгодишнината од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска присуствуваше на свечената академија по повод патрониот празник и пет години од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Универзитетот „Гоце Делчев“ од основањето во 2007 година па се до денес, потенцира Кралев, доживува забележителен развој, прераснувајќи во респектибилна високообразовна институција.

- Универзалната порака на големиот револуционер чие име достоинствено го носи универзитетот, за разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите, претставува дополнителен мотив за сите, за вас, но и за нас како Влада,  рече Кралев пред присутните градоначалници на општините од Источниот регион, пратеници и студенти.

Тој подвлече дека штипскиот универзитет располага со современи простории, училници, кабинети и лаборатории, во кои се изведува настава за студентите од страна на стручен и обучен наставен кадар.

Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Саша Митрев рече дека за само пет години од своето постоење на факултетите студираат 16.000 студенти, со што штипскиот универзитет, како најмлад државен универзитет, е втор по бројноста на студентите.

- Не го криеме задоволство, што за краток период го поминавме патот, за кој би требало најмалку двојно повеќе време. Затоа сме горди на она што претставува универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Универзитет кој се движи во правец на модерен европски универзитет, вели Митрев.

Тој укажа дека во изминатите пет години инвестирано е во инфраструктурата на универзитетот, изградени и реновирани се современи објекти за студентите и професорите, а во текот на оваа година ќе се реши и проблемот со објектите за Медицинскиот факултет, Факултетот за бизнис и логистика и Машинскиот факултет.

По овој повод истакнатиот музичар, Зоран Казаков, кој предава на неколку конзерваториуми во Швајцарија, за студентите на Факултетот за музичка уметност обезбеди над 100 дувачки инстрименти, кои ќе се користат во наставата.