Портпаролите на Владата, Муамет Хоџа и Душко Арсовски и на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на 71-вата седница и одговараа на прашања од интерес на медиумите и јавноста.
Информирајќи за дискусијата, оценета како вонредна и итна, за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут, и како што беше објавено во новинарска сторија, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјата, портпаролите соопштија дека Владата е одлучна во заложбата да нема компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.
Портпаролите информираа дека за да се расчистат сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, како и тоа дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
Државниот пазарен инспекторат, со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.
Министерството за економија е задолжено да побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.
Сите тие институции контролите треба да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.
Во однос на ова прашање, беше посочено и дека Царинската управа, како надлежна за спроведување на увозна постапка и наплата на давачки, во врска со работењето на фирмата од Кичево, во периодот од 2018 до 2020 година, земала мостра за анализа при увозно царинење во 84 увозни постапки. По години, во 2018 година се анализирани 34 мостри, во 2019 година се земени и анализирани 37 мостри и во 2020 година 13 мостри.
Во ниеден од доставените примероци не е пронајдено поголемо количество на сулфур од дозволеното.
Дополнително, Секторот за контрола и истраги на Царинската управа извршила контрола на работата на фирмата, согласно надлежноста, со која е опфатено целокупното работење на фирмата за периодот 2018-2020 година. Контролата е спроведена постапувајќи по редовниот годишен план за вршење на контрола на Одделението за контрола на трговски друштва.
По појавени сомневања за неправилности од други закони надвор од нејзината надлежност, Царинската управа го информира и Државниот пазарен инспекторат за да преземе мерки од својата надлежност.
Државниот пазарен инспекторат има извршено инспекциски надзор на увезени пратки на „Евротим ГДС“ од Кичево на 07.02.2019 година при што има земено мостра од нафтен дериват Мазут-М1 за понатамошно лабораториско испитување.
По извршената анализа од страна на овластена лабораторија, добиен е резултат кој е во рамките на граничните вредности согласно постоечкиот Правилник за квалитет на течните горива.
Во однос на квалитетот на горивата, во Правилникот за квалитет на горивата, освен нивото на сулфур, во втората одредба е наведено дека нафтените деривати треба да исполнуваат и други карактеристики, на пример ниво на пепел и други содржини кои треба да ги имаат дериватите, беше посочено на денешната прес-конференција при што беше повторен ставот дека Владата е решена да го затвори случајот без никакви компромиси.
Во врска со Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби кој е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот, согласно законските процедури за вакви ситуации, на новинарско прашање беше одговорено дека Владата ќе поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на Парламентот и државата, за да се дојде до најдобро законско решение.
Во таа насока, информираа Арсовски и Хоџа, постои отвореност за соработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период, со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.
Притоа беше потенцирано дека Владата како и секогаш е отворена за дебата, се очекуваат предлози, со цел на крајот да се донесе законско решение прифатливо за сите.
На вчерашната 71-ва седница, на препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе заклучок активните мерки за ограничување на движењето наместо до 18 мај, да продолжат со важност до 1 јуни 2021 година.
Владата на 71-вата седница, ја усвои и Информацијата за утврдената фактичка состојба од извршениот преглед и контрола на проекти избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес од областа на фолклорот, музичката и музичко – сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 година.
Министерството за култура во законски уредена постапка и по спроведен инспекциски надзор од страна на Секторот за управен и инспекциски надзор при министерството ќе ги раскине договорите со оние корисници кои согласно извршената контрола и проверка немаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект и ќе бара враќање на уплатените средства. А за останатите со доставена комплетна документација и докази за реализиран проект да се изврши исплата на над 29 милиони денари.
Во делот на кадровските прашања, на предлог на Комисија за именување Владата ја именуваше Анета Симеска- Димоска за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат, орган во состав на Министерството за економија.
Владата на Република Северна Македонија ќе му предложи на Собранието на Република Северна Македонија за заменик на директорот на Агенцијата за администрација да го именува Агрон Сефери, а на Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, му препорача за вршител на должност заменик на директорот, да биде реизбран Самка Ибраимоски.
Вчера беше разгледана и усвоена и Информацијата за формирање „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот", составена од институции, здруженија и граѓански организации. Работната група ќе се фокусира на декриминализација и легализација на поседување и лична употреба, декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба, разгледување можности за основање и работење на социјални клубови, зголемување на бројот на здравствени состојби за кои можат да се користи канабис, како и основање на Агенција за канабис и формирање Фонд од давачките/даноците кои компаниите кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат кон државата.
На новинарското прашање за бугарскиот универзитет, беше нагласено дека согласно член 25 став 1 од Законот за високо образование, странска високообразовна установа, на која и е признато правото да врши високообразовна дејност, односно е акредитирана за вршење на високообразовна дејност во земјата во која и е седиштето, врз основа на одобрение од Владата на Република Северна Македонија, по претходно мислење од Одборот за акредитација на високото образование, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Северна Македонија. По доставена банкарска гаранција, свидетелство од Националната агенција за оценување и акредитација и допис, издаден од страна на Агенцијата за квалитет во високото образование, со кој е проследено Мислењето на Одборот за акредитација на високото образование и извештај од Стручната комисија за давање на мислење за странска високообразовна установа се исполнети законските услови за вршење на дејност.
Новинарите се интересираа и за набавката на 45 возила за потребите на Владата, кои како што беше информирано ќе ги користат министрите и владините функционери, како и возила за потребите при престој на странски делегации во Северна Македонија. Износот на набавката, техничката спецификација на возилата и другите критериуми ќе бидат прецизирани во јавната набавка којашто ќе биде објавена наредните денови, прецизираа портпаролите. Техничката спецификација претходно ќе биде одобрена од релевантна институција. Оперативниот лизинг, беше речено, е најповолното решение зошто, освен за гориво, нема никакво буџетско трошење во период на користење на возилата. Ваквиот начин покрива каско осигурување, сервис и резервни делови што со поинаков модел, би паднал на товар на државниот буџет.