Средба на премиерот Заев со италијанскиот амбасадор Силвестри: Силна поддршка од Италија, Северна Македонија ги заврши домашните обврски, на ред е ЕУ да вреднува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија во земјава.

На состанокот е изразена силна поддршка од Република Италија за европерспективите на нашата држава. Констатирано е дека Република Северна Македонија ги заврши своите домашни обврски и дека сега е на ред Европската Унија да ги вреднува постигнувањата на земјава.

„Продолжуваме со реформите дома, со силна посветеност кон функционална правна држава. Во однос на разговорите со нашиот сосед, Република Бугарија, продолжуваме со конструктивноста во разговорите. Тоа што го соопштивме и во Брисел е дека прифаќаме да разговараме за сѐ освен за тоа кои сме“, рече премиерот Заев.

На состанокот заеднички е изразена надеж дека со креативен пристап е можно одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ за време на португалското претседателство. Како важна се толкува пораката што на овој начин ќе ја прати ЕУ до земјите од Западен Балкан, дека останува фокусирана на проширувањето.

На средбата е заеднички оценето дека функционален Парламент е од полза за граѓаните и за напредокот на државата, поради што е потребна конструктивност од сите политички субјекти.

Премиерот Заев изрази благодарност до Република Италија и до ЕУ за солидарноста околу вакцините. Заеднички е констатирано дека солидарноста е еден од клучните начини за справување со последиците од пандемијата, што е во полза на сите.