Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес учествуваше на регионалната економска конференција „Економското влијание и последиците од кризата“, која се одржа во хотел Емералд во Приштина.
Битиќи посочи дека ваквите регионални конференции се потребни за да се направи анализа и да се дискутира за економската состојба во земјите од регионот во изминатата година, која беше подеднакво тешка за сите. Тој истакна дека кризата предизвикана од КОВИД-19 бара да се покаже лидерство и одлучност во справување со препреките и соодветно да се одговори на кризната ситуација.
„Вистинското лидерство бара да анализираме и да учиме од искуствата, но многу повеќе бара да можеме да видиме преку „ѕидот“ и да ја гледаме иднината и можностите во неа. Денеска заедно со вас тука, сакам да ја видиме сликата за развој на земјите од Западен Балкан во пост-ковид периодот. За мене таа е јасна како нов ден кога се раѓа. Регионална конкурентност наместо регионална конкуренција. Ова е нашата иднина. Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан. Иднина, во која нашиот регион ќе влезе во ера на соработка, за просперитет на сите наши народи. Преку зацврстување на економската соработка и зацврстување и интеграција на вредносниот ланец помеѓу домашните и странските инвестиции. Зајакнување на довербата и унапредување на трговската соработка. Ова треба да биде Балканот на 21-виот век. Заеднички, оваа криза, која веќе со се помасовната имунизација ја оставаме зад нас, да ја претвориме во предност, во шанса за светла иднина на нашите држави“, рече Битиќи на свеченото отворање на конференцијата.
Вицепремиерот истакна дека јакнењето на економската соработка помеѓу земјите од Западен Балкан е од заеднички интерес, за во целост да се искористат и развијат сите расположливи потенцијали.
„Есенцијално за сите нас е остварувањето на целите од Берлинскиот процес, кој претпоставува воспоставување на Заеднички регионален пазар, заснован на пристапот на четирите слободи - слободно движење на добра, услуги, капитал и луѓе, или четирите слободи на кои се заснова Европската Унија. Заедничкиот регионален пазар ќе ја зајакне економската соработка помеѓу земјите во регионот што ќе ја зголеми нашата конкурентност, но и привлечноста на регионот за пазарот на Европската Унија“, додаде Битиќи и нагласи дека треба да се оди и чекор понапред.
„Пред помалку од две недели на управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан, заедно со претседателите на форумот, покренав иницијатива, за која јас лично се заложувам да заживее за време на мојот мандат. Тоа е креирање на регионален пристап и услови за странски инвестиции за сите земји од Западен Балкан. Дополнително засилување на соработката помеѓу нашите домашни, балкански компании и странските компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашиот регион. Силен вредносен ланец е победа за сите нас. Ова ќе ја зголеми отпорноста на регионот кон ризиците од било кој тип и ќе ja зајакне нашата способност да се справуваме со предизвиците и непредвидливите појави, како што е случајот со моменталната пандемија. Ќе донесе просперитет за нашите граѓани, ќе го зацврсти пазарот на труд. Ќе донесе напредок и иднина за регионот на Западен Балкан и ќе ги подготви нашите економии за влез во Европската Унија. Регионалната конкурентност е нашата шанса од оваа криза да излеземе подобри и посилни од било кога“, потенцираше Вицепремиерот.
Тој подвлече дека регионот на Западен Балкан има многу предности и дека истите мора да се искористат за подигнување на конкурентноста во сите земји, но и на регионот генерално. Битиќи подвлече дека конкуреноста и предноста ја гледа во достапноста и близината на синџирите за набавка на добра и услуги, транспортот и меѓусебната поврзаност, како патната, железничката но и водната, преку блиските пристаништа на нашите соседи, близината на европските пазари до нашиот регион и можноста за „near shoring“.
„Не мораме да чекаме нашите земји да ги завршат процесите за евроинтеграции за да се приближиме кон стандардот на ЕУ со унапредување на пазарот. За крај ќе повторам уште еднаш, зошто во ова цврсто верувам: Регионална конкурентност, наспроти регионална конкуренција. Ова е нашата иднина. Да ја изградиме подобра, заедно“, заврши со своето обраќање вицепремиерот Битиќи.
На регионалната економска конференција која се одржа во Приштина, се обратија и министерката за трговија, претриемнштво и индустрија на Република Косово, Розета Хајдари, директорот на Фондот за Западен Балкан, Ѓерѓ Мура, претседателот на Сеалбанскиот економски форум Нагип Фејзи, претседателот на Стопанската комора на Косово, Скендер Красниќи, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, како и други еминентни лица од политиката и бизнисот од регионот.