Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 72-ра седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на медиумите и новинарите.
Портпаролите информираа за одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица – патници од земјите од Африканскиот континент и Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица – патници од Република Индија.
На оваа седница Владата ја усвои измената на уредба со која се продолжува рокот за аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година од 31 мај, на 30 јуни оваа година со цел да се овозможи сите земјоделски стопанства да аплицираат за финансиска поддршка. Воедно се прави измена и се намалува бројот на пчелни семејства од 15 пчелни семејства на 5 пчелни семејства за производители кои имаат ограничени услови на производство.
На прес-конференцијата владините портпароли информираа за Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а поврзана со изготвување на електронски картички за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година.
Тие посочија дека Министерството за финансии е задолжено да префрли 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 така наречени М-Смарт Кард, а откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, ќе бидат вратени во државниот буџет. Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку граничниот премин „Табановце“.
На новинарско прашање за пресметките за бројот на картички портпаролот Арсовски посочи дека тие се направени преку анализи на поминати возила во претходните години, ако се земе предвид фактот дека минатата година поради пандемијата со КОВИД-19 границите речиси да беа цело време затворени.
„Споредбата е направена од 2019 година во која имаше рекорден приход од наплата на патарина и во која транзитираа речиси рекордни бројки на возила со туристи. Така што, во однос на бројката оттаму е извлечена таа анализа и е дојдено до оваа бројка од 200.000 картички. Во однос на изработката за тоа е задолжено Јавното претпријатие за државни патишта“, нагласи Арсовски.
Воедно одговарајќи на новинарско прашање за пресметката колку ќе заштедат српските туристи тој информираше дека 760 денари ќе има на секоја од картичките колку што чини транзитот по Коридор 10 низ Северна Македонија.
Портпаролите соопштија дека на вчерашната седница членовите на Владата ја разгледаа и усвоија Информацијата за основање на меѓуинституционална работна група заради унапредување на договорната соработка, во која членуваат претставници на органите на државната управа во Република Северна Македонија и од самостојните органи на државната управа кои што учествуваат во усогласување на меѓународни договори.
Владините портпароли посочија дека формирањето на оваа работна група има за цел да придонесе кон финализирање и склучување на меѓународните договори за кои е иницирана постапка за усогласување и унапредување на соработката на Република Северна Македонија во различни области.
Портпаролите информираа дека Владата ја разгледа и усвои Информацијата за раскинување на Договорот со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ.
Раскинувањето на договорот е поради неисполнување на обврските, а истовремено Владата го задолжи Генералниот секретаријат да спроведе постапка за избор на оператор за одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.
На прес-конференцијата беше соопштено дека Владата дискутираше за Одлуката на Уставниот суд, кој на последната седница по иницијативата за оценување на уставноста, го укина членот 163 од Законот за банки, според кој Фондот за осигурување на депозити, кој е создаден за да се гарантира исплатата на штедните влогови до 30.000 евра, е прв што ги наплаќа побарувањата кога една банка ќе пропадне.
Со укинувањето на членот е создаден правен вакуум, при што се донесе заклучок дека е потребен нов Закон со кој ќе се дефинира јавниот интерес, заклучија членовите на Владата.
Портпаролот Хоџа одговарајќи на новинарско прашање посочи дека Министерството за финансии во рок од 15 дена ќе подготви измени и дополнувања на Законот за банки, со цел пополнување на правната празнина и обезбедување еднаква заштита на штедачите, согласно европските закони. Тој посочи дека Владата потоа ќе дебатира за предлогот на МФ и ќе бидат донесени заклучоците, а за истите јавноста ќе биде информирана.
Одговарајќи на новинарско прашање за случајот со спорниот мазут портпаролот Арсовски информираше дека претставниците од институциите задолжени од Владата да постапат целосно да го испитаат случајот поврзан со овие сомневања за увоз на нафтени деривати опасни по здравјето и по животната средина ги презентираа досегашните постапувања по владините задолженија и идните предвидени активности на работен состанок.
„Работните состаноци и координации институционалните дејствувања продолжуваат до крајот на истекот на рокот од 14 дена од добиеното задолжение за секое од нив. Повторуваме дека Владата е одлучна во намерата да го расчисти овој случај и дека нема да прави компромис кога е во прашање здравјето на граѓаните и правото на здрава животна средина“, истакна Арсовски.
Во однос на одземените лиценци за одгледување на канабис за медицински цели портпаролот Арсовски посочи дека Комисијата од Министерството за здравство констатирала дека се работело спротивно на одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци во однос на необезбедување на функционален 24-часовен видеомониторинг во сите простории каде што се одгледува канабисот, не било обезбедено пакување и обележување на сушениот цвет согласно со Законот. Дополнително, не биле исполнети условите во делот на опрема и кадар, а лиценците согласно Законот се издаваат при исполнети услови за опрема и кадар.