Промовирани три студии за социјалната димензија на трговијата со луѓе

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска промовираше три студии за социјална димензија на трговијата со луѓе. Студиите ги подготви Министерството за труд во соработка со Германското друштво за интернационална соработка - Канцеларија во Скопје (ГИЗ) и со ангажирање на домашни стручни лица од оваа област.

Првата студија се однесува на меѓународните и националните политики за сиромаштија со посебен фокус на трговијата со луѓе. Втората е „Оценување на сиромаштијата и мапирање на ранливите групи, со фокус на трговијата со луѓе“. Третата студија е „Национални програми и бенефиции во рамки на системот на социјална заштита во Република Македонија“. 

- Овие студии за Република Македонија се од исклучително значење бидејќи треба да бидат патоказ во борбата против трговијата со луѓе.  Ова може да придонесе уште поквалитетно да ги реализираме нашите активниости зааедно со другите министерства, како и со Националниот механизам за упатување жртви од трговија со луѓе, рече Ристовски и додаде оти студиите се приказ на целокупната состојба во државата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека лани се регистрирани 11 жртви на трговија со луѓе и додаде оти за сите нив се поведени соодветни активности и соодветна грижа.

- Заедно со МВР се преземени сите законски активности. Во споредба со другите години овој број опаѓа и очекувам дека и во следниот период уште повеќе ќе се намалува, рече Ристовски.

Врз основа на студијата, според него, покажано е дека источна и централна Македонија се предели во кои се појавуваат најмногу жртви.

- Зошто е тоа така, ќе ни го кажат студиите и ќе се фокусираме во тој дел да се намали бројот на лица кои се жртви на трговијата со луѓе, рече Ристовски.

Тој информира дека студиите покажуваат оти се работи за повеќе чувствителни групи меѓу кои се и социјално загрозените семејства, семејства во кои има семејно насилство, консумирање алкохол и други психотропни супстанции.

Одговарајќи на новинарско прашање за недозволена трговија на дете од Македонија во Хрватска министерот Спиро Ристоски рече дека МВР на Република Хрватска побарало од нашето министерство за внатрешни работи да добијат информација за едно дете кое се претпоставувало дека е македонски граѓанин. - Од МВР е одговорено  и не се работи за дете кое е од Македонија, туку за дете кое е жител на наша соседна земја од каде бил фалсификуван изводот од матичната книга на родени, рече Ристовски.