Транспарентноста е половина од борбата против корупцијата, тоа е еден од главните постулати врз кои се темелат нашите владини политики, порача на денешната прес-конференција, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Вицепремиерот Николовски, посочи дека мерките што се преземаат, во насока на поголема транспарентност и отчетност на институциите, даваат позитивни резултати, и тоа се нотира во релевантните извештаи.
Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините, оваа година споредено со 2016 година, е зголемена за 18%, ова го покажуваат најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации, поддржан од УСАИД. Односно вкупната активна транспарентност изнесува 63%, за разлика од 2016 кога била 45%.
„Ако во 2016 година само 24 институции биле во категоријата „многу добра“ и „добра“ транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Во 2016 година само едно министерство било во категориите „многу добра“ и „добра“ транспарентност. Оваа година дури 13 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории. Оваа година, повеќе од половина од институциите се наоѓаат во двете најдобри групи со „добра“ и „многу добра“ активна транспарентност“, рече вицепремиерот Николовски.
Во делот на транспарентноста на општините, според Извештајот, за прв пат конечно една општина има дури 100% активна транспарентност, а подобрување е забележано кај 51 општина, а подобрување е особено забележано кај транспарентноста на министерствата. Од 16 министерства и Владата, кај дури 13 и кај Владата, е регистриран пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност.
Владата од категорија просечна транспарентност во 2016 година со 25%, оваа година се искачи на 93,5%, и е во категорија на „многу добра транспарентност“.
Вицепремиерот Николовски посочи дека, порастот на транспарентноста е нотиран и во други извештаи за меѓународни рангирања, а дека сите позитивни рангирања, се резултат на владините мерки што се преземаат изминативе четири години.
„Уште во октомври 2017 година, Владата ги задолжи министерствата во рок од 15 дена на своите веб-страници да ги објават потребните 22 документи и материјали, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Го креиравме порталот за отворени податоци, каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис заедницата, но и сите граѓани. Преку промоција и поддршка на отвореното владино партнерство започна и иницијативата „Отворен трезор“, преку која се отворија трезорските трансакции на национално и локално ниво, со што се овозможи поголем увид во трошењата. Ако порано јавните набавки, службените трошоци на функционерите беа тајна, сега секој од договорите за јавните набавки се транспарентно објавени, а секој може на владината алатка за отчетност да види кој функционер колку службени трошоци направил“, рече вицепремиерот Николовски.
При тоа, вицепремиерот Николовски посочи дека минатата година, се задолжија сите министерства и органи кои одговараат пред Владата, вклучително и сите општини, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават 22-те категории на документи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Транспарентно се објавени имињата и веќе се спроведува тестот за интегритет на советниците на функционерите.
Мерките за зголемување на транспарентност се проширија и со усвојувањето на Планот за борба против корупција, според кои, министерствата, органите на управа и општините, задолжително треба да назначат овластено лице за прием на пријави заради заштитено внатрешно пријавување, да подготват годишна Антикорупциска програма, како и интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договорите.