Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во рамки на Првиот Економски Форум во Скопје, оствари средба со Ари Наим, регионален менаџер за Централна и Југоисточна Европа на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Масимилијано Паолучи директор на канцеларијата на Светска Банка во земјава.
Премиерот Заев искажа задоволство од досегашната соработка со Светска Банка и искажа уверување дека постои голем потенцијал за продлабочување на истата во областите за кои ИФЦ поседува експертиза, искуство и знаење.
„Одржливата или зелена енергија е меѓу нашите приоритети. Се реализира една од најголемите инвестиции во енергетиката, 70 милиони евра за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј.
Северна Македонија е одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи. Посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација, која во земјата се одвива преку неколку важни енергетски проекти се очекува да ја раздвижат економијата“, рече Заев на состанокот.
Во фокус на дискусијата беше важноста од зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и креирање на поволен деловен амбиент за инвестиции особено во енергетиката и обновливите извори.
„Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) е долгогодишен партнер на Владата на Република Северна Македонија и ги поддржува нејзините активности во спроведувањето на клучните реформи. Фокусот на ИФЦ е Северна Македонија да овозможи динамичен и конкурентен приватен сектор. Повеќе од било кога е потребно привлекување на свежи приватни инвестиции, а ние гледаме можности за Северна Македонија во секторите како обновливи извори на енергија, производство и услуги. ИФЦ е посветена на поддршка на оваа агенда преку инвестиции и советодавни услуги “, рече Ари Наим, регионален менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа.