Во Охрид отворени 15-те Студентски спортски игри

Повеќе од 800 студенти учествуваат на годинешните 15-ти по ред Студентски спортски игри „МСИ 2012“ што во организација на Студентскиот парламент при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ традиционално секоја година се одржуваат во Охрид.

Најмасовната студентска спортска манифестација во државата за отворена ја погласи претседателот на Република Македнија Ѓорѓе Иванов, кој заедно со студентите го започна првиот натпревар во мал фудбал.

На спортскиот собир во Охрид покрај студентите од Македонија учествуваат и нивни колеги од земјите во регионот, но и гости од Европската унија на студенти.

- Овој настан годинава е најброен, со учество на студенти речиси од сите државни и приватни универзитети од Македонија, но и гости од Европската студентска унија. Покрај спортските натпревари, во рамки на игрите годинава ќе се одржат и неколку митинзи на СЕИ-групата како дел од Европската студентска унија, а во која членува и Македонија, рече Иван Живковски, претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека игрите се од особено значење поради нивниот регионален предзнак.

-  Овие игри се од особено значење како поддршка на комуникацијата и интеракцијата меѓу студентите од регионот. Се надеваме дека и во иднина студентските игри традиционално ќе се одржуваат тука во Охрид. Веруваме дека масовноста и бројот на земјите учеснички ќе продолжат да се зголемуваат од година во година, рече министерот Кралев.

На програмата на студентските спортски игри се повеќе дисциплини, од футсал, потоа кошарка, ракомет и одбојка во двете категории - мажи и жени, пинг-понг, шах, а оваа година за првпат ќе бидат промовирани и боречките спортови преку натпреварите во џудо.