Со исполнување на содржините предвидени со државната програма започна чествувањето на 2 Август – Денот на Република, со која граѓаните, претставниците на државните и општествените институции на Република Северна Македонија го празнуваат денот на кој се слават Илинден во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската република, и вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ - Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, кога беа поставени столбовите на републиката и на државноста на нашата земја.
Програмата во Скопје, во организација на Собранието на Република Северна Македонија, започна со положување цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа продолжи со обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и со празнична културно-уметничка програма.
Владината делегација во Скопје ја предводеше министерот за здравство д-р Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.
Делегации на Владата на Република Северна Македонија денеска учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август - Ден на републиката во кој се обединети Илинден 1903 и Илинден 1944 како дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите.