Членовите на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) на Владата на Република Северна Македонија за обезбедување целосна координација на органите на државната управа, на правните лица основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа, во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19 на денешниот состанок разгледаа и разговараа за одделни предлози а со цел обезбедување и целосна грижа за колективното здравје на граѓаните.
Заземајќи одделни ставови, почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, ГККШ донесе предлози, кои како одлуки ќе бидат разгледани на утрешната Владина седница.
Членовите на Кризниот штаб разговараа за актуелната состојба со здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, додавајќи дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.
Министерот Филипче изрази задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки, кои важат од денеска.
Беше истакнато дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.
На предлог на Министерството за образование и наука, на денешниот состанок на ГККШ, кој го водеше премиерот Заев беше оценето дека се создадени услови, почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во Одлука која ќе биде донесена на наредната Владина седница.
Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ е големиот број на вакцинирани наставници и училиштен кадар (моментално 60 проценти се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата).
Во оваа насока, се и протоколите, изработени од епидемилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата.
На состанокот беше заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моменталниот процент е 60 проценти.
На состанокот на Кризниот штаб на Владата се донесе заклучок да се предложи, на Владина седница да се разгледа потребата од донесување одлука, при влез и излез од Република Северна Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан КОВИД-19 (но не подолг период од 45 дена од заразувањето) или негативен ПЦР тест.
На денешниот состанок, се разговараше и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено, да важи и потврда за прележан КОВИД-19, за период до 45 дена од оздравувањето.