Нов погон на Ноел во Стојаково

Гевгелискиот конфекциски гигант Ноел, во рамките на одбележувањето на 22-годишнината од своето постоење, денеска во Стојаково пушти во употреба нов погон за конфекциско перење и сушење. Погонот во употреба го предаде вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

- Продолжува една успешна дваесетгодишна приказна со отворањето на овој нов погон. Ја следам работата на оваа фабрика веќе шест години и во постојан контакт сум со нив, така што забележителен е континуитетот во развојот на компанијата. Со оваа инвестиција ќе се заокружи работниот процес, а за нас е суштинско тоа што ќе се отворат и нови вработувања, истакна Ставрески.

Инвестицијата вредна околу 500.000 евра е од сопствени средства на компанијата и опфаќа набавка на една голема и две помали перални и сушални со кои е комплетиран целокупниот производствен процес.

Директорот на Ноел,Томица Главчев најави нови 25 до 30 вработувања во новиот погон во Стојаково.