Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, извршија увид на завршните активности поврзани со потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во Крушево“, кој се имплементира во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, кој е ко-финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, со техничка помош од канцеларијата на Светска Банка во нашата земја.
За време на посетата на Крушево, вицепремиерот Битиќи и градоначалникот Христоски реализираа обиколка на реновираната спортска сала, вештачкиот карпест ѕид за искачување и на дел од обележените велосипедски патеки. Градоначалникот Христоски и директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак информираа и за останатите активности извршени во рамките на потпроектот како што се новите сувенирници на локацијата Гумење и за опремувањето и спроведената обука на спасувачката служба.
Целта на овој потпроект е зајакнување на туристичките потенцијали на Крушево, и проширување на понудата со адреналински туризам.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека оние посетители кои сакаат подобро да се запознаат со природата на Крушево, сега ќе можат да го истражуваат овој крај многу полесно, со новите обележани велосипедски и пешачки патеки, каде се поставени и информативни табли и знаци кои ќе им помогнат на посетителите полесно да се ориентираат во околината.
„Учеството на туризмот во создавањето на бруто домашниот производ би можело да биде многу поголемо. Имаме навистина голем туристички потенцијал кој треба само да се поддржи. Крушево со својата историја и уникатност е навистина интересна дестинација, која сега благодарение на овој проект добива нови интересни содржини. Вкупниот буџет за потпроектот изнесува 45.939.080,00 денари, од кои 39.737.304,00 денари се обезбедени од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, а 6.201.776,00 денари беа инвестирани од страна на Општина Крушево. Ова е еден од 57-те проекти низ целата држава, кои имаат за цел да го зголемат учеството на туризмот во локалниот економски развој”, изјави Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања.
За време на обиколката, во разговор со вицепремиерот Битиќи, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, укажа на тоа дека љубителите на адреналинот веќе го препознаваат Крушево како врвна дестинација за туризам, поради погодната клима и атрактивните предели кои отвораат многу можности за уникатни приказни и авантури. Со новата инвестиција од Проектот за локална и регионална конкурентност, опциите за адреналински туризам дополнително се зголемуваат, а од Општината сметаат дека тоа ќе придонесе и кон привлекување на повеќе туристи во овој регион.
„Ова е еден навистина голем проект, којшто влева надеж кај младите лица и ќе придонесе за привлекување на поголем број на посетители, но и спортски екипи во општина Крушево. Овој проект, кој општината го реализираше во соработка со Владата на Република Северна Македонија, преку проектната единица на Проектот за локална и регионална конкурентност, а со поддршка од Европската Унија, овозможи Крушево да добие мултифункционална спортска сала, која беше оставена на забот на времето, која ќе може да се користи за повеќе спортови и за повеќе намени, со комплетен систем на греење и ладење и други пропратни содржини. Во рамките на проектот поставени се и сувенирници на локацијата Гумење, каде општината изгради и пешачки патеки. Обележени се и велосипедски патеки со вкупна должина од 42 километри, кои ќе придонесат за дополнително привлекување на спортски екипи кои се занимаваат со планински велосипедизам“, подвлече градоначалникот Христоски.
Проект за локална и регионална конкурентност
Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.
Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.