Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска одржа прес-конференција за претставување на проектот за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, што ќе се спроведува под координација на Секретаријатот за европски прашања со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој. На прес-конференцијата вицепремиерот Димитров и претставничката на Естонскиот центар за меѓународен развој Кадри Масик потпишаа Меморандум за соработка за проектот.
Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од двете земји и ја нагласи важноста на трилатералното партнерство во област како што е дигитализацијата, што ќе придонесе за напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија и зацврстување на заемната соработка со земја членка на ЕУ и САД како стратешки партнер.
„Со овој проект се воспоставува модел за соработка и во други области преку зајакнување на врската меѓу Естонија како земја членка, и Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ; врска која всушност ќе добие една нова димензија преку менторство, а под покровителство на САД како заеднички пријател и важен стратешки партнер. Токму партнерството и менторството е суштината на овој проект - естонското искуство во оваа област е извонредно и пред нас е можност да учиме од земја која во светски рамки важи за предводник на процесите на дигитализацијата“, нагласи Димитров.
Димитров ја истакна и важноста на процесот на дигитализација во контекст на европеизацијата на Северна Македонија: „Особено е важно што најавената соработка со земји членки на ЕУ за носење на европските вредности дома започнува токму во областа на дигитализацијата, бидејќи создавањето успешна дигитална приказна во Северна Македонија е предуслов за напредок и во други клучни области како што е борбата против корупцијата, транспарентноста и доброто управување. Дигитализацијата одамна не е само опција, туку неопходна потреба за зголемување на приспособливоста кон современите предизвици и промените. Тоа не е само нашата иднина, туку е и нашата сегашност бидејќи дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој“.
На прес-конференцијата се обратија и амбасадорките на САД и на Естонија во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз и Кристи Карелсон, коишто се надоврзаа на потенцијалот на воспоставената соработка за постигнување видливи резултати во реформските процеси во Северна Македонија и на важноста од споделување на најдобрите практики и стекнатите искуства во процесите на трансформација.
„Оваа соработка е пример за продуктивните односи што се развиваат кога партнерите кои се на иста линија ги прифаќаат истите основни вредности и работат кон постигнување заедничка цел. Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области“, нагласи амбасадорката Брнз.
„Естонија е светски етаблиран лидер во дигитализацијата, особено во е-управувањето што го гледаме како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните. Секогаш сме среќни да го споделиме нашето искуство за тоа што и како сме постигнале, но исто така - што можеше да се направи поинаку. Затоа, ние сме среќни што Владата на Северна Македонија ја покани Естонија да соработува во овој проект и благодарни сме на Амбасадата на САД за нивната драгоцена поддршка. Се надеваме дека ова е само почеток за долгорочна соработка меѓу Естонија и Северна Македонија, што дефинитивно ќе биде од корист за сите актери“, заклучи амбасадорката Карелсон.
Во прилог интегралното обраќање на вицепремиерот Димитров:
Почитувани Екселенции,
Почитувани претставници од Естонскиот центар за меѓународен развој,
Почитувани новинари,
Почитувани граѓани,
Како што досега во повеќе наврати истакнав, без разлика на одложувањето на почетокот на пристапните преговори, ние нема да креваме раце и да се концентрираме само на проблемот, туку паралелно со напорите за формален почеток на преговорите, ќе си ја туркаме и домашната задача за носење на европските стандарди дома. Во март годинава, заедно со претседателот на Владата, ја презентиравме Агенда: Европа дома, како патоказ за европеизацијата на македонското општество преку прифаќање на европското законодавство, на вредностите, на современата технологија. Тогаш најавивме и дека Секретаријатот за европски прашања ќе работи на воспоставување партнерства со земји-членки на Европската Унија за соработка во специфични области на политики, со цел спроведување на реформите преку учење од најдобрите. Бидејќи, за да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигураме дека одговорноста ја чувствуваме сите.
Денеска, ми претставува посебно задоволство да ви го најавам и започнувањето на проектот за поддршка и развој на дигитализацијата и е-владеење. Спроведувањето на проектот е под координација на СЕП, а со финансиска поддршка од Естонија и Соединетите американски држави.
Дозволете ми, пред сé, да се заблагодарам на Амбасадата на САД и Министерството за надворешни работи на Естонија за издвоените средства за техничка помош (250.000 долари од САД и 100.000 долари од ЕСТ), како и на Естонскиот центар за меѓународен развој, којшто всушност ќе ни ја даде експертската поддршка и ќе нè води низ пренесувањето на естонските искуства дома.
Соединетите американски држави се долгогодишен партнер на Северна Македонија во реформскиот процес и процесот на интеграции, секогаш со визија и подготвеност да нè поддржат да се соочиме со главните предизвици. Со овој проект се воспоставува трилатерална соработка и верувам дека ова партнерство има потенцијал за остварување на важни резултати, не само во рамки на проектот, туку и пошироко, како модел за соработка и во други области преку зајакнување на врската помеѓу Естонија како земја членка, и Северна Македонија како кандидат за членство во Европската Унија, врска која всушност ќе добие една нова димензија преку партнерство и менторство, а под покровителство на САД како заеднички пријател и важен стратешки партнер. Токму ова партнерство и менторство е суштината на овој проект - естонското искуство во оваа област е извонредно и пред нас е можност да учиме од земја која во светски рамки важи за предводник на процесите на дигитализацијата.
Сакам да напоменам дека проектот е во линија на стратешките заложби на Владата, како и во согласност со најважните стратешки документи, вклучувајќи ги Стратегијата за реформа на јавната администрација и Планот за борба против корупција, но се надоврзува и на тековните проекти во областа на дигитализацијата.
Задоволство ми е што најавените соработки со земји членки, за носење на европските вредности дома започнуваат токму во областа на дигитализацијата, бидејќи создавањето успешна дигитална приказна во Северна Македонија е предуслов за напредок и во други клучни области како што е борбата против корупцијата, транспарентноста и доброто управување. Дигиталната агенда е високо на листата на приоритети на Европската Унија, бидејќи оваа област се покажа како одлучувачка за надминување на современите предизвици. Како што неодамна напомена и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, во нејзиното минатонеделно обраќање за Состојбите во Унијата, дигитализацијата одамна не е само опција, туку е неопходна потреба за зголемување на приспособливоста кон современите предизвици.
Дигитализацијата не е само нашата иднина, таа е всушност нашата сегашност бидејќи е мултипликатор на промените и општествениот развој. Преку овој процес, се обезбедува зголемување на ефикасноста како начело на доброто владеење и се обезбедува континуитетот и непречената работа на институциите. Она што е особено важен аспект на дигитализацијата е дека несомнено води и кон градење на поотпорно општество и нуди можности за справување со корупцијата. Со тоа се унапредува и транспарентноста и довербата на граѓаните во институциите, а за институциите пак се зајакнува нивната функција како сервис на граѓаните.
Можеме да кажеме дека имаме добра стратешка и законска рамка за дигитализација како појдовна точка, не само за процесите, туку и за услугите, но треба и да си признаеме дека ни останува уште домашна работа. Затоа, овој проект го конципиравме со цел да ни помогне да ги адресираме недостатоците и да создадеме една успешна дигитална приказна со што ќе ги заокружиме заложбите во оваа област. Затоа, изминатава недела тимот на експерти од Естонскиот центар за меѓународен развој имаа средби со клучните институции кои ги креираат и спроведуваат политиките за информатичко општество, а имаа средби и со претставници од граѓанскиот и бизнис секторот. Имаа можност поблиску да се запознаат со состојбите, тековните проекти и активности на институциите, но и да ги разберат предизвиците со кои се соочуваме.
Оваа посета ни е основата за дефинирање на специфичните аспекти од процесот, кои ќе бидат адресирани преку проектните активности во следните 18 месеци, колку што е предвидена фазата на имплементација. Менторскиот пристап ќе биде насочен кон подобрување на правната и институционалната рамка за дигитализација и е-управување, обуки за вработените во надлежните институции со посебен фокус на управување со промени, како и поддршка во развивање на дигитални решенија.
За крај, во името на Владата уште еднаш изразувам искрена благодарност на Естонија и САД за поддршката и партнерството. На тимовите од Естонскиот центар за меѓународен развој, Амбасадата на САД, СЕП и институциите кои ќе бидат вклучени во спроведување на проектот им посакувам многу успех, кој верувам дека ќе резултира со напредок кој вистински и директно ќе го почувствуваат сите граѓани бидејќи успешноста на едно општество веќе почнува да се мери според степенот на дигитализација.
Благодарам.