Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на дел од програмата на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ која оваа година по 30-ти, јубилеен пат, се одржува во Кочани.
Премиерот Заев на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ беше заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска, со заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
„Ми претставува посебна чест да присуствувам на дел од програмата на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, чиј организатор е Општина Кочани.
Нашата земја има повеќе нешта на кои може да се гордее. Нешта што се препознатливи, автентични и кои заслужуваат максимална поддршка и внимание.
Едно од тие нешта е манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, која оваа година по 30-ти пат го популаризира оризот – симболот на кочанскиот крај. Македонскиот бисер на трпезите.
Во чест на овој значаен јубилеј, упатувам најискрени честитки до сите оризопроизводители и до Општина Кочани која како организатор на оваа манифестација нашироко во земјата и во регионот ја слави сезоната на собирањето на родот од кочанските полиња.
Со својот меѓународен предзнак, оваа манифестација стана место за средби и пријателства меѓу домаќините и гостите од стопанските и културните делегации од повеќе држави.
Кога станува збор за поддршката за земјоделството и за оризопроизводството посебно, дозволете ми да истакнам дека како никогаш досега,од постењето на нашата држава, ниту една Влада нема издвоено буџет за земјоделството и за земјоделците како што тоа го имаме направено во претходниот и во овој мандат.
Во последниве години, со силни заложби на државата, направени се придвижувања кои го стимулираат оризопроизводството.
Новата политика за субвенционирање со одвојувањето на оризот од останатите житни култури и зголемувањето на субвенциите кое го реализиравме минатата година, е потврда за искрените заложби на оваа Влада, да го развива производството на ориз.
Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на сертифициран семенски материјал од 12.000 денари ги зголемивме за дупло и сега вредноста е 25.000 денари, а за оние производители на ориз без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал, субвенциите ги зголемивме тродупло односно од 6.000 на 18.000 денари.
Оваа година, во подрачната единица на Министерството во Кочани, доставени се 1.020 картички за зелена нафта, со цел да помогнеме и во намалувањето на производствените трошоци за земјоделската механизација.
Ги исплативме и субвенциите за полјоделски култури, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во вредност од околу 640,5 милијарди денари, пари во кои влегуваат и субвенциите за оризопроизводителите кои се исплатени на сметките на над 2.000 субјекти.
Од 2019 година, токму во Општина Кочани започнавме капитален проект а тоа е изградбата на браната „Речани“, каде течат активностите според динамиката на градба и покрај пандемиската економска и здравствена криза. Оваа капитална инвестиција треба да заврши до крајот на 2024 година и ќе овозможи снабдување со вода за пиење и стабилно наводнување на околу 1.500 хектари земјоделски површини, како и производство на електрична енергија преку изградба на две хидроцентрали.
Кочанското поле има идеални услови за производство на прочуениот кочански ориз. Од жетвата оваа година се очекува да се добие вкупно производство на оризова арпа од 20.000 тони, од кои 2.500 тони оризова арпа кај земјоделските претпријатија и 17.500 тони оризова арпа кај индивидуалните земјоделски производители.
Дозволете ми да завршам со тоа што ќе потенцирам дека редовно ја следиме реалната состојбата во земјоделството и тоа што е одлика на оваа Влада и на Министерството останува и понатаму, веднаш ги прифаќаме укажувањата и разговараме за унапредување на поддршката на земјоделците и на оризопроизводителите посебно.
Тоа е наша должност бидејќи земјоделството е еден од носечките столбови на македонската економија. Токму затоа ставаме посебен акцент на развојните мерки и проекти и за нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка.“