Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во рамките на агендата за учество на Самитот на ЕУ за Западен Балкан оствари заедничка средба со претседателот на Република Франција Емануел Макрон, канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и претседателот на Република Бугарија Румен Радев.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, беше изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан со што беше потврден стратешкиот интерес на Унијата за ова прашање.
Премиерот Заев изрази благодарност за оваа определба и потенцираше дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои ги помагаат изнаоѓањата на решенија за билатералните спорови, кои влечат корени од минатото.
На средбата претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев го поздрави лидерството на претседателот Макрон и канцеларката Меркел и им се заблагодари на Франција и Германија, кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото.
Премиерот Заев на средбата ги изрази очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на својата земја, потенцирајќи дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи.
За време на разговорот беа изразени и заедничките подготвеност и интерес од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со намера да се дојде до решение.