Во прилог интегралното обраќање од денешното учество на вицепремиерот Битиќи, на настан „Тркалезна маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување“, кој се одржува во рамките на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ (BMCPI), финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) во партнерство со Министерството за локална самоуправа:
Почитуван колега, министер за финансии, г. Фатмир Бесими,
Почитуван постојан претставник на УНДП во Северна Македонија, г. Армен Григорјан, благодарам што се одлучивте да дојдете во нашата земја и да бидете постојан претставник на УНДП и за вашиот иден ангажман да ни дадете поддршка во надминување на предизвиците со кои се соочуваме,
Почитувана амбасадорке на Кралството Шведска, Ваша екселенцијо, г-а Кристин Форсгрен Бенгстон,
Почитувани амбасадорки и амбасадори, ваши екселенции,
Почитувани претставници на органите на државната управа, на ЗЕЛС, на локалните самоуправи, градоначалници и градоначалнички,
Почитувани претставници на медиумите, дами и господа,
Денес имаме навистина добра можност, да дискутираме на овој настан, организиран од УНДП и СИДА, да зборуваме за што е тоа што би требало да го направиме и како да осигураме локалните самоуправи или локалната заедница да биде промотор на економскиот развој, во насока на рамномерен регионален развој, но и севкупен развој на државата.
Во понатамошниот тек на дискусијата ќе имаме прилика да видеме што е направено преку проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, а јас ќе дадам мал осврт на она што е направено од страна на Владата, како централна извршна власт во државата.
Идејата за овој проект потекна од централната власт, којашто ја препозна состојбата и недостатокот од квалитетни технички документации на локално ниво, со коишто би се влијаело директно на подобрување на инвестициите преку обезбедување на финансии за истите, а потоа и самата реализација на проектите на локално ниво, кои директно влијаат на подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани.
Токму заради тоа би сакал да упатам благодарност до УНДП и СИДА, кои преку овој проект и воспоставениот инструмент „Фонд за техничка документација“, издвоија околу 1,6 милиони американски долари, со кои се изработија 58 квалитетни технички документации за проекти во 47 општини и во 2 регионални центри. Детали за самите проекти ќе се презентираат денеска во текот на оваа денешна дискусија.
Сите овие 58 проекти се подготвени за реализација, што е клучно, а за нивно финансирање и реализација, според техничката документација потребни се околу 126 милиони долари.
Истите ќе донесат поквалитетен, побезбеден и поудобен живот на нашите граѓани.
Додадена вредност е тоа што преку спроведувањето на овој проект, се зајакнаа капацитетите на локалните самоуправи, поефикасно и потаргетирано да ги утврдуваат потребите на локално ниво, препознавајќи ги реалните потреби на граѓаните. Сметам дека тоа е нешто коешто недостигаше во изминатиот период, а сите ние кои сме работеле на проекти, знаеме дека нема одржлив проект, ако не потекнува од потребите на граѓаните.
Сите ние, и централната власт и локалните самоуправи, постоиме и сме тука за граѓаните и тука нема компромиси, мора да се посветиме на реализација на проекти за реалните потреби на граѓаните, за да самите граѓани почуствуваат подобрување во квалитетот на нивниот живот.
Ваквиот тип на структурна поддршка на локалните самоуправи со којашто се подготвуваат висококвалитетни технички документации, се надевам дека ќе придонесе за динамизирање на инвестициите на локално ниво, мобилизирање на средства од различни извори: фондовите на централната власт, т.е. програмите на линиските министерства, донаторите, но и поконкурентните фондови, односно развојните банки и меѓународните финансиски институции. А секако, крајниот бенефит од ова ќе го имаат граѓаните, коишто имаат право на еднаков квалитет на живот без разлика на местото на живеење.
Ние како Влада остануваме посветени на реализирање на проектиод патната и железничката инфраструктура, водоводи и канализации, подобрувања на условите во градинките и во училиштата, болниците, во културата, други општествени проекти, затоа што знаеме дека тоа им е потребно на граѓаните.
Само да потсетам дека на почетокот на летото, преку ТАВ програмата наменивме 50 милиони евра за реализација на 94 проекти во речиси сите општини во Северна Македонија. Исто така претходно, во 2018 година, со средства од централниот буџет, преку посебен закон, а во насока на подобрување на ликвидноста и намалување на долговите на општините обезбедивме финансиска поддршка од 50 милиони евра, за да покријат дел од заостанатите долгови самите општини.
Во однос на финансирањето на општините, за што подетално ќе зборува и министерот за финансии, направивме системски измени со кои преку зголемување на приходите од Данокот на личен доход и од Данокот на додадена вредност, општините ќе добиваат повеќе финансиски средства.Сето ова е за да се зголемат капацитетите на општините да реализираат уште повеќе проекти за потребите на граѓаните во нивните општини.
Секако, Владата има и други механизми за финансирање на проекти. Преку централниот буџет во реализација на капиталните инвестиции во државата, со буџетот за 2022 година, планираме историско највисоко ниво на капитални расходи, кои изнесуваат 14% од вкупниот буџет, односно околу 615 милиони евра. Тоа е и во рамките на препораките на светските меѓународни финансиски организации и активностите кои сите влади ги спроведуваат во овој пост-ковид период, односно со инвестиции во инфраструктура да ги подобриме и условите за водење на бизнис и за подобар живот на граѓаните.
Би сакал да посочам и неколку други механизми кои ги воведовме и кои помагаат и за локален економски развој и за рамномерен регионален развој.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, оваа година, за првпат додадовме мерка со која ги стимулираме локалните бизниси во помалку развиените региони, а локалните самоуправи ги поддржуваме и преку Програмата за рамномерен регионален развој, за да се инвестира во тие региони. Даваме дополнителен финансиски стимул за сите бизниси во помалку развиените локални самоуправи кои ќе реализираат инвестиции токму таму, затоа што сметаме дека рамномерниот регионален развој не може да биде само единечна програма, туку треба да биде пристап кој ќе се вгради во сите политики на централната власт.
Верувам дека, комбинирањето на расположливите буџетски средства за инвестиции во развојни проекти со еден ваков инструмент каков што е Фондот за техничка документација, ќе придонесат за забрзани инвестиции на локално ниво и динамизирање на економските активности што е особено значајно во услови на кризата предизвикана од КОВИД-19.
Она што би сакал да го истакнам е дека, ние како Влада, имаме сериозни намери да го подигнеме нивото на имплементација на сите капитални проекти, независно дали станува збор за проекти финансирани од централната или од локалните власти и во таа насока формираме, за првпат, централна единица за мониторинг и спроведување на капиталните проекти, која ќе гарантира повисоко ниво на ефикасност и ефективност во реализација на сите овие проекти, затоа што за секој граѓанин е најважно да добие услови за живот во местото кое живее.
Оттаму, препознавајќи го бенефитот од ваков тип на Фонд за техничка документација, би сакал да потенцирам дека е важно да продолжиме системски да ги јакнеме капацитетите за подготовка и имплементација на инфраструктурни проекти како на локално, така и на централно ниво.
Отворени дискусии, како оваа денеска, се важни за нашиот напредок, затоа со големо задоволство исчекувам да учествувам на истата. Имаме одличен пленум за дискусија и се надевам дека од денешната тркалезна маса ќе произлезат нови идеи и начини со кои ќе се поттикнат нови проекти, но и ќе се изнедрат нови начини и за поквалитетна изработка на техничката документација и ќе се изнајдат начини за финансирање на истите.
Ви благодарам за вниманието и посакувам квалитетна дискусија.