Воената интеграција на Северна Македонија е најбрзата воена интеграција во НАТО досега – порака од генералот Лавињ до министерката Шекеринска

Со денешното потпишување на Заедничката декларација за воена интеграција, нашата земја и формално е целосно воено интегрирана во структурите на НАТО, а процесот на воено интегрирање е најбрзиот досега во Алијансата.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на свеченоста за потпишување на Заедничката декларација во претседателската вила, порача дека членството во НАТО не беше само политичка порака, туку дека тоа е заслужен резултат на крупни и многу амбициозни реформски процеси.

„Ниту еден момент не застанавме со нашите реформски зафати. Денеска за сите нас беше мелем на ушите кога од генералот Лавињ чувме дека ова е најбрзата воена интеграција во НАТО, дека успеавме оваа цел да ја постигнеме за 19 месеци од нашето полноправно членство. Овој успех со најбрза воена интеграција покажува дека нема да бидеме најголеми, но можеме да бидеме побрзи, можеме да бидеме поамбициозни, можеме да бидеме порешителни и можеме резултатот да го добиваме дури и побрзо од другите“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека во исто време кога завршува еден, започнува нов пат, исполнет со нови предизвици, тешки реформи и голем број на обврски.

„НАТО е најмоќната воено политичка Алијанса заради тоа што постојано се менува, се трансформира, се прилагодува на новите предизвици. Тоа и ние треба да го правиме и затоа денеска повторно започнуваме нов пат од илјада милји, продолжувајќи ја трансформацијата и реформите и продолжувајќи со изградба на модерна армија која ќе биде дел од најмоќната алијанса, но и армија на една горда, иако мала нација“, истакна министерката.

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека потпишувањето на декларацијата покажува дека државата постигна значајни резултати по само една и пол година членство и го потврдила кредибилитетот. Според претседателот Пендаровски, комплетирањето на овој процес претставува успех и за Алијансата во целина.

„Сето ова, не значи и крај на поширокиот реформски процес. Напротив, ова значи дека мора да продолжиме да ја унапредуваме демократијата и функционирањето на мултиетничкото општество и при тоа, да ги почитуваме постигнатите билатерални и мултилатерални договори. Се обврзавме дека до 2024 година ќе го постигнеме прагот да одвојуваме 2% од БДП за одбраната. Иако се случуваат непредвидливи работи, како пандемијата или енергетската криза кои притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, сепак, одбраната и безбедноста се основата за функционирање на сите други општествени сектори“, рече претседателот Пендаровски.

Командантот на НАТО – командата за трансформација, генералот Филип Лавињ порача дека процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО е голем успех и за земјата и за Алијансата.

„Завршивте фантастична работа во првенствено подготовката на вашата земја за полноправно членство во фазата на пристапување, а сега и со интегрирање на одбранбените институции во Алијансата. Денеска е ден за благодарност до Северна Македонија за придонесот кон стабилноста на Југоисточна Европа и на напорите на НАТО за обезбедување на стабилност“, рече генералот Лавињ.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски порача дека денеска сме сведоци на успешно завршување на интегративниот процес кој практично ја отсликува и ефектуира тридецениската напорна и посветена работа во сите сегменти како држава, но и како Армија со цел да станеме дел од најмоќната воено политичка алијанса во историјата на човештвото.

„Благодарејќи на безрезервната поддршка и стручна експертиза на нашите партнери од НАТО, но и континуираната поддршка на државното раководство успеавме да ги реализираме сите планирани активности при што успешно ги постигнавме сите неопходни критериуми за пристапување и интеграција на Армијата во НАТО. Остануваме целосно посветени да бидеме кредибилна членка на Алијансата каде заедно со останатите сојузници ќе придонесеме во одбрана на мирот и безбедноста на земјите членки, но на мирот и безбедноста во светот“, порача генералот Ѓурчиновски.