Изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје, пристигна група од четворица новинари од Авганистан кои се во опасност од новите тамошни власти.
Станува збор за ТВ и радио новинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците.
Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан.
По слетувањето беше спроведена стандардната процедура - безбедносна проверка, заштита и ПЦР тест.
Ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права.
Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош.
Од Северна Македонија до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.