Министерството за образование и наука информира дека во тек е генерирање и испорака на решенија преку порталот е-услуги на 9.562 студенти кои ги исполнија условите и го остварија правото на субвенциониран студентски оброк во рамки на вториот рок од повикот за аплицирање. Процесот ќе биде заокружен денес.
Вкупно 545 апликации се одбиени поради неисполнување на условите, додека 356 апликации подлежат на дополнителна проверка преку високообразовните установи околу статусот редовен студент на апликантите.
Во моментов, вкупниот број на студенти кои го користат правото на субвенциониран студентски оброк е 27.234.
МОН потсетува и дека до крајот на денешниот ден, отворена е можноста да се аплицира за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за оние студенти кои ги исполнуваат условите согласно законот, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право во првиот и вториот рок. Оваа можност ќе биде достапна секој нареден месец и тоа од 20ти до 30ти, односно 31-ви во месецот.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Република Северна Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.